Во судир меѓу туристички автобус и камион во близина на египетскиот град Рас Гариб, во близина на Хургада, рано утрово загинаа две лица, а 39 се повредени, соопштија египетските власти.
Во соопштението за медиумите се наведува дека загинале возачот на автобус на локална туристичка компанија и уште едно лице, како и дека меѓу тешко повредените има странски државјани, пренесува „Мирор“.
Повредените се пренесени со брза помош во болниците во Хургада и околните области.
Генералниот конзулат на Русија во Хургада потврди за агенцијата ТАСС дека една Русинка загинала во судирот на туристички автобус во Египет, а дека се повредени уште 27 руски државјани.
Според прелиминарните информации од конзулатот, автобусот патувал од Хургада до Каиро, а во несреќата се повредени вкупно 39 лица.
Пет руски државјани се хоспитализирани поради повреди, според медиумот.







