„Во македонското Собрание во екот на предизборието овој септември се случи нешто што мора да остане запаметено: од 98 присутни пратеници, ниту еден не гласаше против Законот за контрола на индустриски емисии. Овa е првпат во закон што уредува деликатна област која директно го засега нашето здравје и животната средина да се воведе институт „деловна тајна“, велат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Со еден потег, сите пратеници – и тие што гласаа и тие што преќутеа – им овозможија на загадувачите да кријат информации за процесите што ги спроведуваат, за материјалите и суровините што ги користат и за последиците што ги предизвикуваат врз нашите животи.
Да си додадеме сол на рана, текстот на законот го поздравија и го поддржаа „Усје“ и „Макстил“. Тоа само по себе кажува за кого е пишуван и во чии интереси е донесен.
„Деловна тајна“ досега постоела само во Законот за тутун и производи од тутун, каде што листата на емисиите од секоја марка цигари се сметаат за тајна. Истото тутунско лоби со години се бореше да ја сокрие вистината дека цигарите предизвикуваат рак. Илјадници прерано згаснати животи подоцна, вистината стана јавна.
Денес, нашите пратеници го прават истото, го легализираат загадувањето криејќи се зад „европски стандарди“.
Во земја со највисока стапка на заболување и на смртност од рак на бели дробови во регионот, наместо транспарентност, добиваме мрак. Наместо заштита на нашето здравје, добиваме заштита на индустриските интереси“, се наведува во соопштението на граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Од таму велат дека ќе продолжат „да се борат против оваа мафијашка логика“.
„Нашето право да дишеме чист воздух може да ни го одземат само ако се предадемe!“, додаваат од Зелен хуман град.







