Бојата е клучна – барем кога станува збор за препродажба на автомобил. Вкусовите се различни, па така "Seat Ibiza" во „Mystic“ боја – мешавина од розово злато и кајсија – некои ја доживуваат како елегантна, а други како неподнослива. Сепак, пазарот има јасни правила: автомобилите во впечатливи бои често губат на вредност, додека сивата, белата и црната се значително поценети и полесно наоѓаат нов сопственик.
Од шарените седумдесетти до сивилото на денешницата
Помина времето кога улиците беа преплавени со живописни бои. Во седумдесеттите години од минатиот век доминираа портокаловата, жолтата, зелената и црвената, заедно со популарните кафеави, светлосини и окер нијанси.
Но, веќе на почетокот на осумдесеттите започна пресврт кон т.н. „не-бои“ – црна, бела и сива. Оттогаш, бројот на автомобили во овие тонови постојано расте. Денес, повеќе од половина од возилата понудени на платформата "mobile.de" се во една од тие три бои, пишува германскиот "Auto Bild".

Комерцијалните причини ги диктираат трендовите
Трендот кон монотонија не е само прашање на мода, туку е тесно поврзан со растот на комерцијалните регистрации. Минатата, 2024 година, повеќе од две третини од сите нови патнички автомобили биле регистрирани за деловна употреба.
Лизинг-компаниите и управителите на возни паркови играат на сигурно. Да земеме пример: портокалов модел од масовно производство – неговата вредност при препродажба ќе биде пониска од истиот автомобил во сива или црна боја.
Овие тонови носат помал ризик, додека белата е особено барана кај помалите автомобили кои се извезуваат во јужна Европа и Африка.

Прилика за купувачите на половни автомобили
Од друга страна, купувачите на половни автомобили имаат многу поголема слобода. Во доминацијата на неутралните тонови се крие вистинска можност за поволна зделка.
Тие што се отворени кон помалку барани бои имаат добра шанса да најдат одлична понуда по пониска цена.
Анализата на порталот "mobile.de" покажа импресивни резултати: кај "VW Golf" (прва регистрација од 2013 година), сребрените автомобили се 17,9% под просечната цена, а кај "BMW Серија 3" (од 2012 година) попустот достигнува дури 33,9%.
Најверојатна причина за ова е големиот број поволни возила од службени возни паркови – како што се автомобилите на германската армија или железници – кои често имаат висока километража и поскромна опрема.
Во крајна линија, изборот на боја не е само прашање на стил – тој е и финансиска стратегија. И додека белата, сивата и црната продолжуваат да владеат со пазарот, за оние што не се плашат од боја – постојат вистински поволности скриени во спектарот.








