Сексуалните терапевти се стручњаци за најразновидни теми „под чаршафите“. Тие им помагаат на луѓето да се справат со низок или неусогласен либидо, анксиозност поврзана со изведбата, чувство на срам или потешкотии со постигнување оргазам. Им помагаат и на оние кои сакаат да ја истражат својата сексуалност, фантазии, фетиши или отворени врски.
Но, дали некогаш сте се запрашале што тие самите никогаш не би направиле во спалната соба? По години работа со парови и поединци, неколку познати светски сексуални терапевти открија какви се нивните лични правила кога станува збор за интимноста. Во нивните совети има многу мудрост што секој од нас може да ја примени во својот живот.
1. Никогаш не би пробал нешто ново без согласност од партнерот
Сексуалниот терапевт Том Мари вели дека едно од неговите основни правила е: никогаш да не се експериментира без претходен разговор и јасна согласност од партнерот.

„Интимните односи нудат бескрајни можности за радост, задоволство и поврзаност. Но, истражувањето нови територии без заемна согласност може да предизвика непријатност, да ја наруши довербата, па дури и да предизвика физичка или емоционална болка“, објаснува тој и додава дека разговорот за желбите и границите создава почит, сигурност и го засилува исчекувањето и возбудата.
2. Никогаш не би лажирала оргазам
Терапевтката Мери Хелстром смета дека лажирањето оргазам е една од најштетните навики што жените можат да ги имаат.
„Нашата култура е опседната со резултатите, дури и кога станува збор за секс. Некои од најубавите искуства во мојот живот не завршиле со оргазам“, вели Хелстром.
За неа тоа е лична граница со подлабоко значење.
„Нелажирањето оргазам ми помага да се фокусирам на уживањето, а не на очекувањето дека ‘добар секс’ мора да заврши со огномет. Помал притисок значи повеќе забава“, додава таа.
3. Не ги контролирам сексуалните фантазии на партнерот

Сексуалната терапевтка Назанин Моали вели дека не се обидува да ги контролира фантазиите на својот партнер, ниту се чувствува загрозено од нив.
„Фантазиите се природен дел од нашата сексуалност. Тие не значат нужно дека сакаме да ги реализираме,“ објаснува таа.
„На она што нè возбудува влијаат стресот, околината, детството и животните фази. Фантазиите кои не го вклучуваат партнерот не се изневерување, туку одраз на сложеноста на нашиот внатрешен свет. Прифаќањето на сопствените и туѓите желби ја зајакнува интимноста“.
4. Никогаш не би го посрамила партнерот поради она што го возбудува
„Во светот на сексуалната терапија постои изрека: не му уништувај нечие уживање со своето згрозување,“ вели терапевтката Инција А. Рашид, предупредувајќи колку се чувствителни темите за желбите и сексуалното изразување.
„Срамот го уништува чувството на сигурност. Тоа се однесува на сите аспекти на интимноста – од начинот на кој човекот се претставува пред партнерот до предлозите што би сакал да ги испроба“.
Таа додава дека многу жени се посрамени поради ситници, како начинот на кој ги уредуваат интимните делови или изборот на долна облека.
„Поради тоа не може да се доживее вистинска сексуална слобода“, нагласува таа.
5. Не се посрамувам ако мислите ми одлетаат за време на секс

Хелстром признава дека за време на секс понекогаш ѝ се случува мислите да ѝ одлетаат и во тоа нема ништо лошо.
„Да се биде целосно присутен е прекрасно, но исто толку природно е умот понекогаш да залута. Сексот е простор меѓу реалното и имагинарното“, вели таа.
Наместо да се критикува, си дозволува да ги истражи тие мисли и нежно се враќа во моментот кога ќе почувствува потреба.
6. Не се обвинувам ако партнерот има проблем со ерекцијата
Моали предупредува дека многу жени и мажи пребрзо ја преземаат вината кога партнерот има проблем со ерекцијата.
„Тоа не е одраз на привлечноста или хемијата, често е резултат на стрес, замор или физиолошки проблем“, објаснува таа.
Наместо да се повлечеме или да молчиме, Моали препорачува емпатија.
„Прашајте го партнерот: ‘Како можам да ти помогнам токму сега?’ Создавањето поддржувачка атмосфера е најдобриот лек“, додава таа.
7. Не ги избегнувам непријатните разговори за секс

Терапевтката Џенет Брите верува дека отворената комуникација е темел на задоволителен сексуален живот.
„Важно е да се разговара за тоа што носи уживање, но и за пречките што стојат на патот. Искрено, со сочувство и без критика. Се фокусирам на изразување на потребите и желбите преку нежност, допир и афирмација. Тоа создава позитивен круг на поврзаност и ја продлабочува сексуалната блискост“, објаснува таа и додава дека целта не е анализа, туку поттикнување топлина и разбирање.















