Нискотарифниот авиопревозник „Ryanair“ официјално потврди дека од овој месец целосно преминува на дигитални карти за чекирање („DBP“ – Digital Boarding Pass), како што најавуваше подолго време.
Од среда, 12 ноември, компанијата повеќе нема да издава хартиени карти за чекирање.
Сè дигитално – но со казни за неподготвените
Сите патници ќе добијат DBP во мобилната апликација на „Ryanair“ веднаш по онлајн пријавата, која може да се изврши и преку „Ryanair.com“. Потсетници за пријава и понатаму ќе пристигнуваат преку е-пошта, 48 и 24 часа пред полетување.
Меѓутоа, патниците кои ќе пристигнат на аеродром без претходна онлајн пријава ќе мора да платат дополнителна такса за пријава на самото место.
Од компанијата објаснуваат дека оваа промена е воведена затоа што „DBP го намалува трошокот за аеродромските услуги и овозможува поевтини авиобилети за сите патници на ’Ryanair‘“.
Дополнително, авиопревозникот тврди дека дигиталните карти ја подобруваат услугата за клиентите, овозможуваат побрзо и полесно повторно резервирање во случај на прекин на летови, и што е најважно – го намалуваат влијанието врз животната средина, бидејќи со тоа се штедат околу 300 тони хартија годишно, пишува „MSN“.

Што ако ви се изгуби или испразни телефонот?
DBP ќе се појави автоматски во апликацијата на патникот, а потоа треба само да се покаже на безбедносната контрола и на излезот за качување.
Доколку патникот веќе се пријавил онлајн, но го изгубил телефонот или таблетот, на аеродромот ќе му биде издадена бесплатна хартиена карта за чекирање.
Истото важи и ако уредот се испразни пред контролата на безбедноста или пред качувањето.
Во случај телефонот да се исклучи по поминување на безбедносната контрола, податоците веќе ќе бидат зачувани во системот на „Ryanair“, и персоналот ќе му помогне на патникот да заврши со чекирањето.
Патници без „smart“ уреди
Оние кои немаат паметен телефон или таблет, но се пријавиле онлајн пред пристигнувањето на аеродромот, ќе добијат бесплатна хартиена карта на шалтер.
Сепак, тие нема да имаат пристап до ажурирања на летови во реално време и нема да можат да ја користат подобрената услуга за патници во случај на доцнења или прекини.

Помош и достапност
„Ryanair“ потврдува дека ќе задржи шалтери за пријава и информации на сите аеродроми.
За пристап до DBP не е потребен Wi-Fi или мобилен интернет, сè додека пријавата е завршена претходно.
Покрај тоа, во сите аеродроми ќе има достапна помош за патниците доколку наидат на технички проблеми.
Исклучоци – не сите аеродроми дозволуваат дигитални карти
Иако повеќето аеродроми во Европа ја поддржуваат новата практика, некои дестинации сè уште бараат испечатена карта.
На пример, аеродромите во Мароко сè уште не прифаќаат "DBP", па таму е задолжителна хартиена верзија на картата за чекирање.
За летовите на или по 12 ноември, патниците кои полетуваат од Мароко мора најпрво да се пријават онлајн, а потоа да го покажат својот DBP на аеродромот за да добијат испечатена карта за качување.
Со оваа промена, „Ryanair“ прави уште еден чекор кон целосна дигитализација на своето работење – чекор што ќе им заштеди време, пари и хартија, но и ќе ја тестира подготвеноста на патниците за новата ера на дигитални летови.















