[ФОТО] Големината на Перез на дело: Флорентино пречека македонска спортска легенда на „Бернабеу“

Дерби

05/11/2025

18:09

1.821

Големина на фонт

а а а

Флорентино Перез е вистински фудбалски чудотворец кога е во прашање водењето на голем клуб како Реал Мадрид, но претседателот на „кралевите“ во безброј наврати се покажал и како голем џентлмен и човек кој знае да изненади многумина со своите гестови.

Првиот човек на Реал често знаел да воодушеви со своите потези кон ривалските клубови и противничките играчи кога се соочуваат со тешки победи, но последно, Флорентино покажал класа со поканата која ја доставил до македонска спортска легенда.

Владимир Богоевски е одбојкарска македонска легенда која остави своја трага во овој спорт, но како човек кој веќе долго време е дел од македонскиот Олимписки комитет, последно беше посебно ангажиран и за време на Европскиот младински олимписки фестивал кој се одржа во Скопје.

Богоевски беше еден од амбасадорите на настанот како спортски директор на Олимпискиот комитет, а сега оваа институција откри како минала посетата на Владимир во Мадрид за време на викенд натпреварот со Валенсија кој се одигра изминатиот викенд.

Реал Мадрид не ги заборава своите легенди: Македонската спортска икона Владимир Богоевски на средба со Флорентино...

Posted by MKD Olympic Team on Wednesday, November 5, 2025

– Големината на еден клуб се мери не само по неговите трофеи, туку и по начинот на кој ги третира своите поранешни ѕвезди. Реал Мадрид уште еднаш докажа дека е гигант во секоја смисла, приредувајќи специјален пречек за една од најголемите легенди на македонскиот спорт, Владимир Богоевски.

– Богоевски имаше ексклузивна средба со моќниот Претседател на Реал Мадрид, г-дин Флорентино Перез. Поканата, која пристигна директно од кабинетот на Перез, беше за заедно да го проследат натпреварот од Шпанската Примера лига помеѓу Реал Мадрид и Валенсија. Од свечената ложа на легендарниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, Богоевски и Перез уживаа во фудбалската претстава и победата на домаќинот.

– За пошироката јавност, врската можеби не е веднаш очигледна, но вистинските познавачи на историјата на Реал Мадрид знаат дека овој клуб не е само фудбал. Владимир Богоевски е легенда на одбојкарската екипа на Реал Мадрид, каде што настапуваше со огромен успех во раните 1980-ти. Оваа средба не е само куртоазен гест, туку длабоко признание за придонесот на Богоевски.

– Разговорот меѓу двајцата спортски великани, како што дознаваме, поминал во пријателска атмосфера, евоцирајќи спомени од минатото, но и разговарајќи за идните спортски предизвици. Владимир Богоевски, кој денес ја извршува функцијата Спортски директор на Македонскиот олимписки комитет, со оваа посета уште еднаш го потврди својот висок углед во меѓународните спортски кругови. Гестот на Флорентино Перез е големо признание за кариерата на Богоевски, но и за македонскиот спорт во целина, – гласи објавата на МОК.