Порастот на глобалните температури би можел да донесе многу повеќе дождови во овој регион.
Сахара е позната како едно од најсувите места на Земјата, каде што годишно паѓа во просек само околу 7,5 сантиметри врнежи. Сепак, до крајот на овој век тоа би можело драстично да се промени.
Ново истражување на Универзитетот во Илиноис во Чикаго укажува дека до втората половина на 21 век, порастот на глобалните температури би можел да донесе значително повеќе врнежи во Сахара, пренесува „RTS“.
Истражувачите потсетуваат дека пред шест до осум илјади години, Сахара веќе била зелена и плодна област.
Студијата, објавена во списанието „Climate and Atmospheric Science“, предвидува дека Сахара би можела да добива до 75 проценти повеќе врнежи во однос на историскиот просек.
Слични зголемувања се очекуваат и во делови од југоисточна и централно-јужна Африка, особено во сценарија со екстремни климатски промени.

Промена на цела Африка
„Промените во моделите на врнежи ќе влијаат на милијарди луѓе, во Африка и надвор од неа. Мора да почнеме да планираме како ќе се справиме со тие промени – од управување со поплави до прифаќање култури отпорни на суша“, објасни Тиери Ндетацин Тагуела, водечки автор на студијата, постдокторанд и климатолог на Факултетот за либерални уметности и науки при Универзитетот во Илиноис.
Тагуела нагласи дека разбирањето на влијанието на растечките температури врз врнежите е клучно за развој на ефективни стратегии за адаптација.
Како било спроведено истражувањето
Неговото истражување користело 40 различни климатски модели за симулирање на летните врнежи во Африка во втората половина на 21 век, споредувајќи ги резултатите со историските податоци од 1965 до 2014 година.
Испитувани биле два сценарија – едно со умерени емисии на стакленички гасови, и друго со многу високи емисии.
Во двата случаи, количината на врнежи на континентот расте до крајот на векот, но интензитетот на промените варира од регион до регион.
Се покажало дека во Сахара врнежите би можеле да се зголемат и до 75 проценти, во југоисточна Африка за околу 25 проценти, а во централно-јужна Африка за околу 17 проценти.
Спротивно на тоа, во југозападниот дел на континентот се очекува поголема суша, со намалување на врнежите за приближно пет проценти.

Изненадувачка прогноза за најсувиот регион
„Проекциите покажуваат дека Сахара би можела да добива речиси двојно повеќе врнежи во споредба со историскиот просек, што е изненадувачки за регион кој е климатски исклучително сув. Иако повеќето модели се согласуваат со трендот на зголемени врнежи, сè уште постои значителна неизвесност во однос на точната количина дожд.
Подобрувањето на овие модели е клучно за зголемување на точноста на регионалните прогнози“, нагласува Тагуела.
Зголемувањето на врнежите е директно поврзано со загревањето на атмосферата – повисоките температури му овозможуваат на воздухот да задржи повеќе влага, што доведува до поголеми и поинтензивни врнежи во одредени региони.
Промените во моделите на атмосферска циркулација исто така влијаат на тоа каде и како паѓа дождот, па така некои области би можеле да станат повлажни, а други уште посуви.
„Разбирањето на физичките механизми кои ги движат врнежите е од суштинско значење за развој на адаптациски стратегии што можат да издржат и влажна, и сува иднина“, заклучува Тагуела.















