Нова безбедносна проверка откри дека автобусите содржат SD-картичка која му овозможува на кинескиот производител далечински пристап до возилото.
Како што возилата стануваат сè повеќе поврзани со интернет и надворешни системи, се појавува нова генерација на сајбер-безбедносни предизвици. Во Норвешка, јавните автобуси произведени од кинески производител станаа центар на оваа дебата.
Иако се наоѓаат илјадници километри оддалечени од земјата на потекло, компанијата што стои зад нив наводно има можност да ги исклучи од далечина.
Потенцијален безбедносен ризик
Овој проблем го откри компанијата „Ruter“, најголемиот норвешки оператор на јавен превоз. Таа забележала потенцијален безбедносен ризик за време на тестови во својата затворена лабораторија, пренесува „CarScoops“.
За време на проверките биле тестирани два автобуса – еден од холандско производство и еден кинески.
Автобусите од марката „Yutong“, произведени од кинескиот производител, имале скриени SIM-картички од Романија вградени во системот.
Според претставниците на компанијата „Yutong“, овие SIM-картички овозможуваат далечински ажурирања на софтверот и техничка поддршка. Сепак, истата врска теоретски овозможува и целосно исклучување или блокирање на автобусите преку софтверска команда.
Засега, „Ruter“ нагласува дека нема докази за злонамерни активности.
Од сомнеж до конкретни мерки
Тестирањето е дел од поширока ревизија на сајбер-безбедноста, со цел проценка на ранливоста на електричните возила.
Извршниот директор на „Ruter“, Бернт Рејтн Јенсен, изјави дека агенцијата сега преминува „од загриженост кон конкретни сознанија“, воведувајќи нови мерки за заштита и построги критериуми за набавка, со цел да се обезбеди целосна локална контрола над системите.
Мерките вклучуваат создавање внатрешни „ѕидови на заштита“, изолирање на автобусите од надворешни „cloud“ системи, како и соработка со државните власти за зајакнување на сајбер-безбедноста во транспортниот сектор.

Владата реагира
Норвешкиот министер за транспорт, Јон Ивар Нигорд, ја пофали иницијативата во изјава за „NRK“, наведувајќи дека владата во моментов ја проценува потенцијалната закана што ја носат добавувачите од земји надвор од норвешките безбедносни сојузи.
„Заедно со операторите како што е ’Ruter‘, ќе обезбедиме овој сектор да биде што е можно помалку изложен на ризик,“ изјави министерот.
Зголемена зависност од кинески автобуси
Проблемот се појавува токму во момент кога Норвешка брзо ја зголемува својата флота на кинески електрични автобуси.
Од приближно 1.300 електрични автобуси што моментално сообраќаат во земјата, околу 850 ги произведува „Yutong“.
Само во Осло и Акершус, секојдневно сообраќаат околу 300 такви возила.

Иако од „Ruter“ нагласуваат дека веројатноста за злоупотреба е мала, тестовите укажуваат на поширока дебата за странска контрола врз критичната инфраструктура.
„Малку е веројатно дека автобусите би се користеле на таков начин,“ изјави Јенсен, „но тоа не значи дека не треба да ја сфатиме ситуацијата исклучително сериозно.“
Во меѓувреме, „Ruter“ презема мерки за да осигури дека секое возило функционира независно, со отстранување на SIM-картичките и локализирање на сите операции офлајн, за да се спречи било каков далечински пристап.















