„Longbow Speedster“, автомобил што основачите го нарекуваат првото „перо-лесно“ електрично возило (FEV), забрзува од 0 до 100 km/h за 3,5 секунди и нуди автономија од 440 километри.
Додека „Tesla“ сè уште го подготвува долгонајавуваниот "Roadster", британскиот стартап „Longbow“, основан од поранешните инженери на „Tesla“, Даниел Дејви и Марк Тапскот, веќе го претстави првиот електричен "Speedster" – спортски автомобил со тежина под 900 килограми.
Нивната цел е да докажат дека електричните автомобили не мора да бидат тешки за да бидат неверојатно брзи.

"Speedster"-от, кој тие го нарекуваат прво „перо-лесно електрично возило (FEV)“, достигнува 100 km/h за само 3,5 секунди, а има и досег од 440 km со едно полнење.
Цената на моделот во Велика Британија ќе изнесува приближно 85.000 фунти (околу 96.000 евра), додека верзијата со покрив – „Longbow Roadster“ – ќе биде нешто поевтина.

Возилото е целосно развиено „од нула“ во рамки на компанијата: има алуминиумска шасија и компактен електричен погон, а инспирацијата е извлечена од легендарни спортски модели како "Lotus Elise" и "Jaguar E-Type". Првиот прототип беше претставен во Лондон, а сериското производство е планирано за 2026 година.
„Longbow“ во својот тим има и врвни имиња од индустријата, вклучувајќи поранешни директори од „McLaren“, „Lotus“ и „Alpine“, што уште повеќе ги подигнува очекувањата за овој ултра лесен електричен спортски автомобил.












