Оркестарот на Македонската филхармонија вчера одржа концерт во Златната сала на познатиот „Музикферајн“ во Виена, еден од најпознатите и најпрестижни концертни простори во светот.
Салата беше исполнета до последното место, а публиката ги награди музичарите со стоечки овации и ги врати на бис.
Во рамките на програмата беа изведени пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак.
Како солисти настапија Ана и Игор Дурловски, а диригент на концертот беше маестро Јерухам Шаровски од Израел.
„Спектакуларен, историски настап на Македонската филхармонија во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена. Непосреден повод - 80-годишнината од основањето на оркестарот и 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Австрија и Северна Македонија.
Честитки до маестро Јерухам Шаровски и до сензационалните оперски уметници Ана и Игор Дурловски.
Повеќеминутни стоечки овации. Бис настапот беше неизбежен.
Спектакуларен, историски настап на Македонската филхармонија во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена....
Posted by Ambasada na Republika Severna Makedonija vo Viena on Wednesday, October 29, 2025
Вистински амбасадори кои на единствен начин ја претставуваат и ја презентираат македонската култура и уметност во светските културни центри. Капа долу. Искрена благодарност за сите инволвирани во организацијата на вчерашниот настан“, стои во објавата на македонската амбасада во Виена.
Настапот на Македонската филхармонија во Виена е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Македонската амбасада во Австрија, како дел од проектот за културна дипломатија и интернационална промоција на македонската уметност.










