Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денес изјави дека Кина и Соединетите Американски Држави треба да работат заедно за да постигнат „повеќе големи и конкретни работи“ во корист на двете земји и на целиот свет.
Тој го изјави ова за време на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, по слетувањето во Бусан за 32-от состанок на економските лидери на АПЕК во Гјонгџу и државната посета на Јужна Кореја.
Шји истакна дека Трамп е многу ентузијастичен за решавање на разни регионални жаришта и дека Кина, исто така, промовира мировни разговори за решавање на разни жаришта, пренесува Синхуа.
„Бидејќи светот денес се соочува со многу тешки проблеми, Кина и САД ќе можат заедно да ја преземат својата одговорност како големи земји“, рече Шји.
Тој исто така, рече дека Кина и САД треба да обезбедат стабилен напредок на кинеско-американските односи, кои ги спореди со „џиновски брод“.
За време на средбата со американскиот претседател, Шји рече дека од реизборот на Трамп, тие разговарале по телефон три пати, размениле неколку писма и останале во близок контакт.
„Под нашето заедничко водство, односите меѓу Кина и САД генерално останале стабилни“, рече кинескиот претседател.
Тој додаде дека пред неколку дена, на последната рунда консултации во Куала Лумпур, Малезија, економските и трговските тимови на двете земји постигнале основен консензус за решавање на главните проблеми, што ги обезбедило потребните услови за денешната средба.
Кинескиот претседател, исто така, изјави дека „двете страни не секогаш се согласуваат и нормално е двете водечки светски економии повремено да имаат триење“.
„Вие и јас ги водиме односите меѓу Кина и САД. Соочени со ветрови, бранови и предизвици, треба да останеме на вистинскиот курс, да се движиме низ сложен пејзаж и да обезбедиме стабилно пловење на џиновскиот брод на односите меѓу Кина и САД“, нагласи Шји.
Кинескиот претседател, исто така, изјави дека развојот и ревитализацијата на Кина одат рака под рака со визијата на американскиот претседател Доналд Трамп да „ја направи Америка повторно голема“.
Шји, исто така, изјави дека двете земји се целосно способни да си помагаат едни на други за да успеат и да напредуваат заедно.
„Кина и САД треба да бидат партнери и пријатели. Ова е она што нè научила историјата и она што реалноста го бара“, рече тој.
Шји, исто така, рече дека е подготвен да ја продолжи соработката со Трамп со цел да изгради солидна основа за односите меѓу Кина и САД и да создаде поволна атмосфера за развој на двете земји, според Синхуа.











