Минчев - Сулстром: Целта е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати

Макфакс

30/10/2025

15:52

131

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром. На средбата, Минчев и Сулстром разговараа за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на јавната администрација и зајакнувањето на институционалните капацитети.

Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка на Кралството Шведска во реформските процеси и потенцира дека овие партнерства се од суштинско значење за унапредување на квалитетот на јавните услуги и институционалната ефикасност.

„Нашата цел е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати. Поддршката од нашите меѓународни партнери, како што е Шведска, е од големо значење во овој процес на модернизација и институционална зрелост“ изјави Минчев.

На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и спроведување на заеднички проекти во областите на модернизација на јавниот сектор, управувањето со човечките ресурси, транспарентноста, отчетноста и примена на добри европски практики.

Министерството за јавна администрација, велат од таму, ќе продолжи активно да работи на воспоставување и јакнење на партнерства со земјите членки на Европската Унија, со цел приближување на стандардите и вредностите на европското управување.