Лазар П. (16), млад џудист од џудо клубот „Партизан“ од Србија, почина утрово во тешка сообраќајна несреќа на автопатот Нови Сад – Белград, јавува „Kurir.rs“.
Комбито кое ги превезувало младите спортисти од Будимпешта кон Белград, околу 3:30 часот од засега непознати причини излетало од патот и се превртело.
Лазар починал на самото место од јачината на ударот, додека седум момчиња биле повредени – меѓу нив и неговиот брат-близнак Лука, како и 43-годишниот возач С. С.
Се враќале од престижно натпреварување
Според соговорник на „Kurir“, младите спортисти се враќале од натпреварување што се одржало во Баку, Азербејџан.

„На пат кон натпреварувањето патуваа со авион, но полетаа од Будимпешта. Од Белград до Будимпешта имаа организиран превоз со комби. Спортистите во вторникот слетаа во Будимпешта, па од таму тргнаа кон Белград“, објаснил соговорникот.
„За жал, од засега непознати причини, возачот изгубил контрола над возилото. Излетале од патот, ја пробиле заштитната ограда и паднале во канал. Покрај Лазар бил и неговиот брат-близнак Лука, кој пред три дена освоил златен медал – најсјајното одличје на натпреварувањето во Баку“, додал изворот.

Се огласи и „Партизан“
По несреќата, џудо клубот „Партизан“ се огласи на социјалните мрежи:
„Длабоко нè потресе трагичната вест за сообраќајната несреќа во која згасна младиот живот на нашето дете од Џудо клуб Партизан. Во овие тешки моменти, целото семејство на Партизан тагува со семејството на настраданото момче“.
„Изразуваме најискрено сочувство до неговите најблиски и искрена поддршка до сите повредени“, додаваат од клубот.
Таткото во солзи пристигнал на местото на несреќата
„Го славеа златниот медал, беа радосни и со гордост се враќаа дома. За жал, тогаш се случи трагедијата – речиси на прагот од домот“, велат познаници.
Местото на несреќата го посетил и таткото на момчињата, кој низ солзи изјавил дека едниот син му загинал, додека лекарите се борат за животот на другиот.

Во тек е истрага што треба да ги утврди сите детали на трагедијата. Дежурниот обвинител наредил телото на момчето да се испрати на обдукција, а комбито на вонреден технички преглед.















