Кина ги испраќа својот најмлад астронаут и четири глувци на вселенска мисија оваа недела

Макфакс

30/10/2025

10:09

214

Големина на фонт

а а а

Кина ќе го испрати најмладиот астронаут во својата историја на вселенската станица како дел од својот следен лет со екипаж, соопштија властите во четврток, додавајќи дека таму ќе бидат и четири лабораториски глувци.

Вселенската станица Тјангонг, управувана од тимови со три астронаути кои ротираат на секои шест месеци, е круната на вселенската програма на Кина вредна милијарда долари, додека се обидува да ги стигне САД и Русија.

Мисијата Шенжоу-21 е закажана да полета во петок во 23:44 часот по локално време од Центарот за лансирање сателити Џиукван во северозападна Кина, изјави Џанг Џингбо, портпарол на Кинеската агенција за вселенски летала со екипаж (CMSA).

Инженерот на летот, Ву Феи, кој штотуку наполни 32 години, ќе стане најмладиот кинески астронаут кој летал во вселената, соопштија властите.

„Се чувствувам исклучително среќен“, им рече тој на новинарите во четврток. „Можноста да ги комбинирам моите лични соништа со славното патување на вселенската програма на Кина е најголемата среќа што ми ја донесе оваа ера.“

Надреден ќе му биде вселенскиот пилот Џанг Лу, 48, кој леташе на мисијата Шенжоу-15 пред повеќе од две години. Специјалистот за товар, Џанг Хонгџанг, 39, е третиот член на екипажот.

Патувањето ќе вклучува и четири лабораториски глувци – два мажјаци и две женки – за првите кинески експерименти со глодари во орбитата, изјави портпаролот на CMSA Џанг.

Командантот Џанг Лу рече дека е уверен дека неговиот тим „ќе ја заврши работата за татковината и нејзиниот народ со целосен успех“.

Вселенската програма на Пекинг, трета која во орбитата испраќа човечки екипаж, претходно слета роботски ровери на Марс и на Месечината.

За време на владеењето на претседателот Кси Џинпинг, Кина ги засили плановите за остварување на својот „вселенски сон“.

Пекинг вели дека планира да испрати мисија со екипаж на Месечината до 2030 година и планира да изгради база на површината на Месечината.

CMSA во четврток објави дека „цврсто се држи“ до таа цел. Во тек се голем број „клучни претстојни тестови“, вклучувајќи го и тестирањето на лунарниот модул Ланјуе и вселенското летало со екипаж Менгжу.