[ВИДЕО] Претставен „Neo“ – домашен робот кој мие садови и раскажува вицеви за 20.000 долари

Точка

29/10/2025

19:23

662

Големина на фонт

а а а

Норвешко-американската технолошка компанија „1X“ го претстави новиот домашен робот со вештачка интелигенција под името „Neo“, кој од денес може да се нарача и кој, според производителот, треба да ги преземе секојдневните домашни обврски и да им овозможи на корисниците да се посветат на „она што навистина е важно“.

Роботот „Neo“, кој се испорачува облечен во плетена облека и заменливи чевли, може да помага во домашни работи како што се собирање и диплење облека или полнење на машината за садови, пренесе Фламанската радио-телевизија (VRT).

Благодарение на својот AI систем, способен е да одговара на прашања, да раскажува вицеви, па дури и да танцува, што беше прикажано во промотивното видео на мрежата „X“.

Цената на овој хуманоиден робот изнесува 20.000 долари, односно околу 17.200 евра, а засега се продава исклучиво на територијата на САД.

„Експертски режим“ за сложени задачи

Ако „Neo“ наиде на задача што не може сам да ја изврши, корисникот може да активира т.н. „експертски режим“.

Во тој случај, вработени од компанијата „1X“ „гледаат низ очите на роботот“ и го насочуваат од далечина, при што неговата вештачка интелигенција дополнително се усовршува за идните задачи.

Сепак, тестовите покажуваат дека „Neo“ сè уште не е совршен.

Тестови и први впечатоци

Новинарката на „Wall Street Journal“, Џоен Стерн, која го тестирала роботот еден ден, изјави дека му се потребни речиси пет минути за да ја испразни машината за садови, додека му треба повеќе од една минута за да донесе шише со вода.

„Не е баш натчовечки, како што се тврди“, оцени Стерн.


Директорот на компанијата „1X“, Бернт Берних, истакнал дека малите несовршености се дел од концептот:

„Тоа е најкорисната форма на несмасност. Ако „Neo“ само правилно ги нареди чашите во ормарот, јас ќе бидам задоволен. Целта не е совршенство, туку практичност“, изјави тој.

Берних објасни дека способностите на роботот брзо ќе се подобруваат преку собирање нови податоци од корисниците.

Сепак, призна дека вработените во компанијата можат да имаат увид во работата на роботот, што го спореди со „принципот на големата сестра“:

„Сите го знаеме изразот ‘Големиот брат ве набљудува’, но нашиот робот функционира како ‘Голема сестра’ – набљудува за да помогне, не за да контролира“, рече Берних. Корисниците, сепак, можат самостојно да го ограничат пристапот до податоците и да означат зони во домот во кои „Neo“ нема дозвола да влегува.


„Ја почитуваме приватноста. Дури и да се обиде, „Neo“ не може да влезе во забранетите простории, а никој не може да пристапи до вашиот робот без ваша дозвола“, нагласи директорот.

Берних додаде дека купувањето на роботот „Neo“ подразбира прифаќање на еден вид „општествен договор“ – корисниците се согласуваат на споделување на податоците потребни за унапредување на системот.

Реакции на јавноста

На социјалните мрежи се појавија бројни реакции, од кои многу се скептични:

„Ова е нов вид ропство“ и „Вака еден ден робот ќе ве убие во сон“, се дел од коментарите.


На ваквите реакции, Берних вели:

„Технички, роботот би можел тоа да го направи, но ниту еден уред во вашиот дом не е целосно безопасен. „Neo“ е програмиран така што не може да крева тешки, жешки или остри предмети. Безбедносниот систем е повеќеслоен“, објасни тој.