Пеп Гвардиола има големо значење во англискиот фудбал и како човек со релевантен глас секогаш привлекува големо внимание, па така е и со изјавата која ја даде за трендот кој станува се позачестен во Премиер лигата.
Од стартот нас езоната, 20 проценти од головите во англиската елита се дадени од прекини, па иако во оваа статистика доминира Арсенал, Гвардиола верува дека има и други тимови кои профитираат од корнерите, слободните удари, па дури и аутите.
Во последно време, многу се зборува за аут-техниката на Кајоде од редовите на Брентфорд, а токму тоа го натера Гвардиола да заклучи дека во Премиер лигата има се повеќе тимови кои наликуваат на Стоук Сити предводен од Тони Пулис.
– Вистина е дека луѓето се почесто изведуваат аути како корнер, со 10 играчи во противничкиот шеснаесетник. Го почувствувавме тоа на своја кожа на гостувањето кај Брентфорд, а видовме дека го правеа тоа и против Ливерпул. Секој аут на Кајоде беше опасност во шеснаесетникот на Ливерпул и токму тој беше избран за играч на мечот.
– Во денешниот фудбал, прекините станаа голема опасност, се сеќавам и на времето кога Шон Дајч беше во Барнли. Тој тим на Барнли претставуваше голема опасност со таква игра, а сега тој е тренер на Нотингем Форест. Истото го правеа и тимови на Сем Алардајс, а во времето кога не бев јас тука, многу се зборуваше за Стоук Сити. Стоук тогаш беше исклучок, но сега има многу повеќе тимови во Англија кои практикуваат таква игра, – изјави Гвардиола.







