Трајановски: Нови игралишта, безбедни улици и пристапни тротоари се визијата за современ Аеродром

Макфакс

26/10/2025

13:55

152

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, ја претстави својата визија за уредување на јавниот простор и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

„Нашата визија за јавниот простор е да биде уреден согласно реалните потреби на граѓаните. Тоа значи безбедни улици, достапни тротоари и места за рекреација каде што сите, од најмладите до највозрасните, ќе се чувствуваат пријатно и сигурно“, изјави Трајановски.

Тој најави изградба на нови и безбедни детски игралишта, вклучително и сензорни игралишта за децата со попреченост, како и адаптација на рабниците и поставување тактилни патеки. „Пристапноста не е луксуз, тоа е човеково право“, додаде кандидатот.

Посебен акцент стави и на решавањето на проблемот со кучињата скитници, преку системска соработка со институциите, како и на унапредувањето на инфраструктурата со нови велосипедски патеки, паметни паркиралишта и модерно осветлување.

„Ќе изградиме општина што штеди енергија и време, а нуди квалитетен урбан живот“, рече Трајановски, најавувајќи и изградба на нова противпожарна станица и редовна контрола на противпожарните системи во зградите.

„Ова не се само проекти, ова се мерки за достоинствен живот на секој мој сограѓанин од Аеродром. Затоа на 2 ноември, заедно да се избориме за подобра општина, за општина која се грижи за секого“, порача тој.