„Влен“ се осврна на соопштението на Левица која претходно го впери прстот кон кандидатот за градоначалник на Брвеница, Хаќим Рамадани, обвинувајќи го за ширење етнички тензии и национал-шовинизам во повиците за етничко гласање.
Од „Влен“ коментираат дека со потсмев го гледаат обидот на Левица, која ја нарекоа, партија позната по говорот на омраза, анти-НАТО ставови и ултранационалистичка реторика, да држи лекции за соживот и толеранција.
„Иронијата е очигледна, токму тие што со години ја трујат јавноста со поделби и политички примитивизам, денес зборуваат за „шовинизам“. Во нашата кампања, ниту еден кандидат на ВЛЕН не користел говор на омраза, туку зборувал за патишта, училишта, водовод, економски развој, за реалните проблеми на луѓето. А вистинската иронија е што ДУИ, преку својот нов коалиционен партнер – Левица, избра да се фати за партија анти-НАТО, доживувајќи ја како последна сламка за политички спас. Таа комбинација на очај и лицемерие веќе доби одговор на 19 октомври, кога граѓаните со јасна порака им ја покажаа вратата и на едните и на другите“, велат од „Влен“.
Се додава дека тие остануваат единствената коалиција што доследно ги брани евроатлантските вредности, и секој обид да се стават на исто рамниште со екстремистички партии е смешен уште од самиот почеток.
Од „Влен“ сепак не ги искоментираа изјавите на Рамадани и повиците заедно со ДУИ да се гласа за Албанци за „да се знаело кој е газда дома“ и да се поразат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со кои се во владина коалиција. Рамадани најави дека во вториот круг ќе соработува со ДУИ, партијата за која „Влен“ не штеди зборови во партиските соопштенија дека е криминална, поразена и на дното на бунарот. „Влен“ засега не се оградува од ваквите повици.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денес од Брвеница порача дека секој кој зборува за иднината на Македонија е добредојден како негов соговорник, а тие што шират поделби, особено етнички, не му мислат добро ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на било кој друг наш сограѓанин. Мицкоски истакна дека со жалење го слушал сето она што Рамадани од „Влен“ го кажувал во една , како што ја нарече, егзалтирана состојба и дека направил голема грешка. Додаде дека ваквата реторика стигнала и до влијателни претставници на меѓународната заедница, така што и тие гледаат со големо жалење и со неверување на она што го слушаат, дека некој во 21 век може да користи таков речник.










