Независниот синдикат на паркови и зеленило најави дека утре, 27 октомври, ќе одржи прес-конференција пред пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда.
Пресот го организира Градскиот независен синдикат на паркови и зеленило, кој функционира во рамките на Независниот синдикат на државна администрација. Од синдикатот велат дека ќе се зборува за условите за работа и состојбите на конкретното работно место, кое, како што наведуваат, е „под човечко достоинство“.
На пресот се поканети кандидатите за градоначалник на Град Скопје – Орце Ѓорѓиевски и Амар Мечиновиќ, како и кандидатите за градоначалници на општините Гази Баба, Аеродром и други.
Од синдикатот посочуваат дека целта на настанот е јавен увид во состојбите и почитувањето на правата на вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, вклучувајќи плата, регрес, јубилејни награди, новогодишен додаток и отпремнини, согласно колективниот договор и законските прописи.







