Молк по масакрот во Кичево кадешто беа убиени над 40 кучиња, активистите бараат истрага и одговори од градоначалникот Дехари

Макфакс

25/10/2025

10:13

1.407

Големина на фонт

а а а

Активистите од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бараат одговори по ужасот во Кичево кога за само еден ден беа убиени повеќе од 40 кучиња – дел отруени, а дел застрелани.

Телата на животните биле пронајдени на различни локации низ градот, меѓу кои и во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“.

„Два дена не реагиравме. Сакавме да видиме дали некаде ќе се чуе барем збор – од градоначалникот Фатмир Дехари, од општината, од било која институција што е должна да ја информира јавноста и да го осуди делото. Два дена – ништо. Молк, Како да е се нормално. Како да е прифатливо да живееш во град опколен со отров и оружје.“, се вели во соопштението.

Од здружението нагласуваат дека животните биле убиени со супстанции што можат да усмртат и човек и дека дел од нив имале траги од огнено оружје.

„Анима мунди“ бара итна реакција од институциите, истрага и јавна одговорност од градоначалникот и општината. „Да се проверат камерите, да се фатат сторителите, да има индивидуална и институционална одговорност за оваа ликвидација“, порачаа од здружението.

Велат дека ова не е инцидент, туку умоболна пракса што ја гледавме пред петнаесет години, и многу добро знаеме како завршува таа приказна. Такво нешто може да направи само масовен убиец, психопат или институција што организира ликвидација – никој не тепа цел град животни сам.

МРТВИ НАД 40 КУЧИЊА ВО КИЧЕВО❗️ Дел застрелани, дел отруени во еден ден.

 Два дена не реагиравме. Сакавме да видиме дали...

Posted by Anima Mundi - здружение за заштита на животни on Saturday 25 October 2025

„Фатмир Дехари, прашуваме јавно: дали е нормално во вашиот град да се убиваат животни со екстремно разорни отрови што за помалку од пет минути можат да усмртат дете? Дали е нормално некој вооружен да шета низ градот и да стрела по животни додека граѓаните спијат? Пријавивте ли во полиција? Како за половина час беа собрани и фрлени 40 трупа од страна на „Кичевски Комуналец“ – без полиција, без увид, без истрага, иако на дел од телата има траги од огнено оружје? И каде се, зошто ги нема на депонија?“, прашува здружението.

Истакнуваат дека Кичево со години има проблем со прекубројност на бездомни животни, но дека убиствата не се решение.

„Општината годишно издвојува околу 20.000 евра за оваа проблематика, а 115.000 евра плаќа за обесштетувања за каснувања – и реални и лажирани. Тоа не е планско управување, туку злоупотреба на јавни пари“, наведуваат од „Анима мунди“.

Здружението додава дека во овој одвратен контекст, единствено што охрабрува се гласните и достоинствени реакции на кичевчани и бара итна реакција од Обвинителството и МВР, јавна одговорност од градоначалникот и раководството на општината, како и инспекциските служби на терен.