Војната против дрогата што ја води американскиот претседател Доналд Трамп се заканува да ја пренасочи трговијата со наркотици кон Европа и да го преплави континентот со уште поголема количина нелегални супстанции, предупреди германскиот експерт Хендрик Штек.
Американската администрација изминативе недели започна воздушни напади врз, како што соопшти, јужноамерикански дилери на дрога во регионот на Карибите и Пацификот.
„Построгите мерки против нарко-картелите во Колумбија и Венецуела најверојатно нема да ја подобрат ситуацијата во Европа или Германија“, изјави германскиот комесар за борба против дрога и зависности, Хендрик Штек, за „Bild“.

Тој додаде дека овие мерки ќе имаат спротивен ефект, бидејќи криминалните мрежи обично реагираат со пронаоѓање нови рути, транзитни земји и дури и со развивање посилни синтетички супстанции што ги заменуваат традиционалните дроги.
„За Германија тоа ќе значи пренасочување на дилерите на нови морски и копнени патишта, како и зголемена дигитална дистрибуција на дрога“, нагласи тој.

„Веќе имаме многу динамични структури на организиран криминал, особено на интернет. Војната против дрогата што ја објави американската администрација може само дополнително да го засили овој феномен“, предупреди експертот.
Штек, кој се залага за делумно повлекување на легализацијата на канабисот во Германија, истакна дека цените на кокаинот во земјата се во пад, дека корисниците стануваат сè помлади, а бројот на смртни случаи предизвикани од наркотици кај лица под 30 години може драматично да порасне.

Достапноста на кокаинот во Европа е во постојан пораст
Податоците на Агенцијата на ЕУ за борба против дрога покажуваат дека достапноста на кокаинот низ Европа континуирано расте.
Земјите членки на ЕУ во 2023 година – седма година по ред – пријавиле рекордни количини запленет кокаин.

Американската влада оваа недела ја засили својата кампања против нарко-картелите, а американските сили изведоа напад врз пловило за кое се верува дека превезувало дрога крај бреговите на Колумбија, при што беа убиени две лица.











