Шест од десет Италијанци користат вештачка интелигенција (ВИ) во готвењето, според истражувањето на платформата „Academia.tv“ за кулинарските навики и употребата на технологијата во 2025 година.
Истражувањето, спроведено меѓу љубителите на храна на возраст меѓу 25 и 45 години, открива дека 64% од Италијанците користат вештачка интелигенција за да пронајдат идеи и да научат нови кулинарски техники, иако половина од испитаниците сè уште се сомневаат во квалитетот на генерираната содржина, пренесе Анса.
Врз основа на ова истражување, развиен е системот „ChefCPT“ (Culinary Pre-trained Transformer), кој го користи знаењето на 207 кулинарски мајстори за пружање персонализирана поддршка при подготовката на оброците.
Анкетата покажала дека 17,6% од Италијанците редовно готват за себе, додека повеќе од 80% подготвуваат оброци за семејството и пријателите.

За 95% од испитаниците, оброците се важни социјални пригоди, а 65% сметаат дека е нормално да поминат најмалку 30 минути подготвувајќи домашен оброк.
Поради високите цени надвор од домот и ниската просечна куповна моќ, 82% од Италијанците јадат надвор најмногу еднаш неделно.
Кога излегуваат, повеќето избираат италијански ресторани и пицерии – 74%, проследени од етнички ресторани – 13,5%, додека само 2,5 проценти одат во ресторани за брза храна.
Најчестите употреби на вештачката интелигенција во кујната вклучуваат креирање рецепти или менија врз основа на достапните состојки, приспособување на јадењата за интолеранции на храна и истражување на техниките за готвење за одредени видови храна.











