Кандидаттот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, смета дека неговиот противкандидат во вториот круг, Амар Мециновиќ од партијата Левица, и во првиот круг имал поддршка од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а со повикот за поддршка до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нивната коалиција станала јавна.
„Ако во минатото ние говоревме за овие состојби, а некој ги негира, мислам дека особено по она што се случи вчера, повикот на Левицата, поради иста идеолошка платформа или исти погледи, да ги поддржеле гласачите на СДСМ, веќе е јавна оваа коалиција и треба да се земе предвид и добро да се анализираат резултатите да видиме во кои делови Левицата има добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг Левицата имаше поддршка од Демократската унија за интеграција, но мој фокус ќе биде да ја добијам поддршката од сите скопјани“, рече Ѓорѓиевски.
Рече дека не се занимава со партиски интриги како што тоа го прават други ниту, пак, со црна кампања оти смета дека има сериозна кампања што им ја нуди на граѓаните и кредибилитет од сработеното во изминатите четири години.
„Нашиот народ е многу мудар. Колку и некој да прави калкулации, внатрепартиски игри, собири и да се обидува да прегрупира гласови, убеден сум во победа што ќе ги декласира на овие избори. Сите на купм кои и да се“, вели Ѓорѓиевски.
Заедно со новите советници во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, Ѓорѓиевски извести дека денес ќе напрви стратегија за решавање на најгорливите прашања што ќе им бидат во фокус до Нова година откога тој ќе биде избран за градоначалник. Прв чекор рече дека ќе им биде ребалансот на буџетот, а потоа најави дека ќе се потрудат да го избришат сè она што во изминатите четири и повеќе години било грда слика.
Даме Димитровски, носителот на листата за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а кои имаат мнозинство во Советот, рече дека вратата за соработка со сите советници во Советот ќе биде отворена. Најави дека мнозинството ќе се базира на девет темелни политики, кои се веќе поставени, а тоа се намалување на загадувањето на воздухот, систем за современо управување со отпадот, брз и доверлив систем за јавен транспорт во градот, јавни простори за скопјани, велосипедизам и други алтернативни начини на превоз за скопјани, безбеден сообраќај за најмалите во Скопје, Скопје – град на културата, Скопје – центар на науката и технолошкиот развој на Балканот и, најважно, отворен Совет, транспарентност и одговорно управување со буџетот на Градот.
Димитровски вети мнозинство кое ќе гарантира транспарентно работење и одговорно трошење на народните пари.
Орце Ѓорѓиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои 91.663 гласа, Амар Мециновиќ од Левица освои 30.665 гласови, Башким Бакиу од „Вреди“ доби 27.898 гласови, Каја Шукова од СДСМ освои 27.737 гласа, Скендер Реџепи од партијата Народно движење која беше дел од коалицијата Национална алијанса за интеграција предводена од ДУИ освои 26.114 гласови, а сите останати кандидати заедно освоија 17.145 гласа.
Вториот круг на локалните избори во кои ќе се избере градоначалник на Скопје и на општините во ко не беа избрани градоначалници во првиот круг, ќе биде на 2 ноември.