„Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9.11.2025. За 18 дена, стаорците, па и глувците, може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодачите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за еден месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња“, пишува на социјалните мрежи микробиологот Никола Пановски.
„Значи, и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодачи, кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодачите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат, ќе ни влезат дома“, вели Пановски.

Тој апелира до Владата веднаш да се прогласи вонредна состојба и да се почне со чистење на сметот.
„Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат, излезете на улица“, додава Пановски.







