Научникот и креатор на содржини, Логан Ајви, стана вирален благодарение на необичен изум – исклучително тешка маска за мобилен телефон која го спречува во бесцелно скролање и прекумерна употреба на уредот.
Маска тешка речиси три килограми
Првично, Ајви се обидел да залепи тег на мобилниот, но потоа отишол чекор подалеку со 3D-печатена маска тешка речиси три килограми, за чие расклопување е потребна специјална алатка.
Ајви, кој на „Инстаграм“ го води профилот "matterneuroscience", ја претстави својата необична креација на 13 октомври.
„Идејата е телефонот да биде толку тежок што физички ќе го отежнува скролањето, а и носењето со себе каде и да одам“, објасни тој во видеото, додавајќи дека инспирацијата ја добил од огромните мобилни телефони од 80-тите, кои, според него, „беа алат, а не уред што создава лажно чувство на среќа“.
Сега мобилниот го користи само два часа дневно
Маската се прицврстува и се вади со помош на имбус-клучеви, што е долготраен процес. Но, Ајви тврди дека откако ја користи, времето поминато пред екран му се намалило од просечни шест на само два часа дневно.
„Повеќе не го носам телефонот секаде со себе, а кога го имам, често скролам многу помалку затоа што физички е потешко да се направи тоа“, изјави тој.
Поделени реакции
Неговата објава собра речиси 500.000 лајкови, а многумина изразија интерес за финансирање на проектот преку „Kickstarter“.
„Би го купил ова“, напиша еден корисник. „Дали поддржува iPhone 17 Pro Max? Прашувам за пријател“, се пошегува друг.
Сепак, не се сите воодушевени од оваа идеја.
„Не мислам дека ќе ја реши зависноста“, коментирал еден следбеник. „Преземи контрола врз својот телефон, и телефонот нема да те контролира тебе. Тоа го направив јас. Но, ако сакаш цигла – набави цигла“, порачал друг.