Кристијан Киву ја прифати цела добра работа која Симоне Инѕаги ја заврши во Интер и му требаше одреден период за да примени дел од своите тренерски методи, а во текот на летниот преоден рок, доби и нови фудбалери кои одговараат на неговиот стил на игра.
Романскиот стручњак не доби огромна поддршка од фановите кога беше назначен како тренер, но како што одминува времето, Киву се повеќе ги освојува симпатиите, пред се поради добрите резултати на тимот.
Интер го доби големото дерби со Рома на „Олимпико“ и влезе во серија од шест победи во низа, серија која сигурно ќе сака да ја продолжи и против Ројал Унион Сен Жилоа во Лигата на шампиони.
Европскиот вицешампион ќе гостува во Белгија, а во најавата за овој натпервар, Јан Зомер реши да издвои едно летно засилување како круцијално за тимот во раната фаза од сезоната.
– Тимот расте од меч во меч и тоа многу ме радува. Вистинските тимови испливуваат на површина кога е најтешко. Направивме две грешки против Јувентус и плативме за тоа, но такви работи се случуваат во фудбалот.
– Сега го пронајдовме вистинскиот баланс и важен дел од тоа е Аканџи. Тој ни го донесе потребниот мир и многу сме среќни што го имаме во нашиот тим. Тимот работи како група и го покажавме тоа против Рома. Можеме да ги напаѓаме противниците, но покажавме дека можеме да се браниме и со низок блок и да го оствариме тоа по кое сме дојдени, – изјави Зомер.