Минчев: Јавната администрација мора да биде место каде што луѓето растат, придонесуваат и се чувствуваат добро

Макфакс

21/10/2025

14:28

177

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на отворањето на националната програма за сертификација „Quintaum МАЦЕКС 2025/2026“, организирана од Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени – МАЦЕКС, во партнерство со Вита Институт и глобалната методологија Quintaum.

Настанот ги обедини претставниците на јавниот и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество, а присуствуваше и амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.

Минчев нагласи дека Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција од јавниот сектор која се приклучува на оваа програма, како јасен сигнал дека промените во администрацијата започнуваат одвнатре, преку слушање на гласот на вработените и мерење на нивното вистинско искуство.

„Горди сме што токму Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција која се приклучува на програмата „Quintaum МАЦЕКС“.

Со тоа покажуваме дека реформите не се само законски измени, туку и нов начин на размислување – администрација што ги слуша своите луѓе, ги вреднува нивните искуства и гради култура на припадност и мотивација,“ изјави министерот.

Тој се осврна и на соработката со Република Словенија, истакнувајќи дека токму ова партнерство претставува силен поттик за развој на современи политики во управувањето со човечки ресурси и организациска култура.

„Со Словенија воспоставивме вистинско партнерство – преку Меморандумот за соработка меѓу двете министерства, а дополнително со учеството на Амбасадата на Република Словенија во програмата, отвораме ново поглавје на размена на знаења, искуства и добри практики.

Тоа е најдобриот доказ дека оваа иницијатива има европска димензија и кредибилитет“, нагласи тој.

Програмата „Quintaum МАЦЕКС 2025/2026“ претставува иновативен пристап за мерење и подобрување на искуството на вработените во јавниот и приватниот сектор, со цел создавање на повеќе мотивирана, посилна и човечка администрација.

Во своето обраќање, Минчев порача дека јавната администрација не е изолирана структура, туку жива организација што се развива со луѓето и за луѓето.

„Нашата цел е да изградиме јавен сектор што инспирира, а не само функционира. Сектор што е силен, човечки и достоен за довербата на граѓаните“, додаде Минчев.

Министерството за јавна администрација останува двигател на реформите во јавниот сектор, насочени кон градење современа, мотивирана и европска администрација која работи за доброто на граѓаните, додаваат од таму.