Реал Мадрид се подготвува за утрешниот натпревар против Јувентус во Лигата на шампиони, но со мислите сигурно е и на тоа што следи неколку дена подоцна, односно „Ел Класико“ дербито со Барселона во Ла Лига.
Сите случувања во Шпанија остануваат во втор план кога на теренот се најголемите ривали Реал и Барселона, па иако во наредните денови главен фокус ќе биде токму најавата на овој дуел, медиумите се уште бараат мислења за контроверзниот натпревар кој Ла Лига го најави за месец декември.
Без да се консултира со клубовите и играчите, раководството на Ла Лига одлучи натпреварот од 17-то коло меѓу Вилјареал и Барселона да се одигра во Мајами, па иако сите се против ваквиот преседан кој се прави во шпанскиот фудбал, одговорните луѓе засега не попуштаат и стојат зад својот став.
Последен на оваа тема се јави Карвахал како капитен на Реал Мадрид, а и искусниот дефанзивец на Реал го дели ставот на Френки Де Јонг и многу останати ѕвезди кои се спротивставија на изгласаната идеја.
– Со тој натпревар очигледно ќе се наруши фер конкуренцијата и натпреварувањето во Ла Лига. Со таква одлука, Ла Лига не гарантира исти услови за сите тимови во првенството. Ние како целина треба да се стремиме кон една фер игра во еднакви услови, а овој натпревар е целосна спротивност на тоа, – смета Карвахал.