Герасимовски: Повторно го чистиме сметот на градот, барам да се прогласи вонредна состојба

Макфакс

21/10/2025

11:57

182

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информира дека пет дена ЈП „Комунална хигиена“ воопшто не се појавува на улиците во Центар за да го подигне сметот од улиците кадешто има надлежност. Тој, потенцираше дека утрово испратил допис до ЗЕЛС за итна седница кадешто ќе се побара решение за овој проблем.

„Ова ги надминува сите граници. Изминатите пет дена комуналното претпријатие воопшто не се појавува на улиците во Општина Центар и се соочуваме со огромни проблеми, а набрзо не дај боже и зарази. Нашите хигиеничари се во две смени, имаме дополнителна механизација којашто и во утринските и во вечерните часови е на терен и правиме сѐ да го расчистиме сметот и она што не го прави комуналното претпријатие веќе подолг период. Но, овие 5 дена како што кажав е навистина алармантно. Утрово пуштив допис до Управниот одбор на ЗЕЛС, се слушнав и со директорката на ЗЕЛС, побарав итна седница на ЗЕЛС кадешто ќе се побара решение на овој проблем“, рече Герасимовски.

Герасимовски, изјави дека разговарал и со неколку негови колеги од кои побарал дополнителна механизација за да го отстрануваат самите сметот, и ја повика Владата да размисли за вонредна ситуација.

„Разговарав со неколку мои колеги каде што побарав дополнителна механизација за да го отстрануваме самите сметот но, еве и јавно ја повикувам и Владата да размисли за вонредна ситуација, поради тоа што јавното комунално претпријатие и Град Скопје изминатите пет дена воопшто не се појавува на територија на Општина Центар за да го отстрани сметот од контејнерите. Нема да дозволиме ова да се случува на центарци, ќе направам сѐ, и јас и мојот тим на луѓе сето ова што се прави да престане. И затоа, уште еднаш пружам апел и до Владата, и до ЗЕЛС да ни помогне во овој дел, да се справиме заедно со сметот со којшто се соочуваме во Општина Центар“, посочи Герасимовски.