Европа вечерва може да ја добие најубавата фудбалска бајка и светски рекорд – шампион од село со 800 луѓе

Точка

20/10/2025

19:10

880

Големина на фонт

а а а

Натпревар по натпревар, стигнавме до 90 минути од светски рекорд, бидејќи тимот на шведскиот Мјелби вечерва може да ја освои титулата шампион како клуб од најмалото место кое станало првак на некоја држава.

Мјелби е клуб кој доаѓа од рибарското село Халевик на бреговите на Балтичкото Море со само 813 жители. Покрај сите шведски великани и моќни клубови кои се навикнати на трофеи, шампион може да биде токму малиот Мјелби, клуб од рибарско село со нешто повеќе од 800 жители.

Овој симпатичен клуб има потреба од победа на вечерашното гостување кај Гетеборг, за и официјално да се закити со титулата шампион на Шведска.


Дури и да не остварат победа вечерва, ќе го сторат тоа порано или подоцна, бидејќи имаат уште четири „меч-топки“ и им се потребни само два бода од наредните четири натпревари во шведското првенство.

Интересно е што Мјелби веќе е впишан во Гинисовата книга на рекорди како екипа од најмалото место кое настапува во највисок ранг на национален фудбал. И не треба ни да се нагласува колкав успех ќе биде освојувањето на титулата шампион на Шведска.


Во селото, уште во далечната 1953 година, е изграден стадионот Страндвален, на кој Мјелби ги игра своите натпревари. Капацитетот е 6.750 гледачи, а трибините се исполнети до последно место.


Покрај стадионот има и паркинг за камп-приколки, бидејќи многу туристи и навивачи сакаат да ги посетат бреговите на Балтичкото Море и да уживаат во природата, комбинирајќи го тоа со посета на стадионот.

Годишниот буџет на овој клуб изнесува само 7,7 милиони евра, а тоа, за споредба, е само осмина од средствата кои ги троши шведскиот великан Малме.

Натпреварот помеѓу Гетеборг и Мјелби се игра вечерва со почеток од 19:10 часот.