Арне Слот стана првиот менаџер по Брендан Роџерс кој претрпе четири порази како предводник на Ливерпул, негативна серија која не се паметеше на „Енфилд Роуд“ цели 11 години.
Ливерпул врза четири порази во низа последен пат во 2014-та година, но овој лош учинок сега е остварен и на стартот на новата сезона, откако англискиот шампион вчера беше победен и во големото дерби со Манчестер Јунајтед.
Гостите знаеја како да ги користат своите шанси и извојуваа важна победа од 1:2, па додека цела Англија говори за првата голема криза во ерата на Арне Слот, холанскиот стручњак е посебно загрижен за еден елемент од играта на неговиот тим.
Слот нагласи дека Ливерпул ќе мора да поработи на бранењето на прекини, но во својата кратка анализа, не пропушти да испорача и критики за дефанзивната поставеност на Јунајтед во текот на целиот меч.
– Секогаш е тешко да играте против тим кој се брани со низок блок и кој најчесто игра со долги топки во вашата половина. За жал, работата станува уште потешка кога ќе примите гол во првата или втората минута додека еден ваш играч е на земја. Ако некој пред мечот ми кажеше дека ќе создадеме толку многу шанси против тим со низок блок, не би очекувал да загубиме. Но за жал, ние не успеавме да ги реализираме нашите шанси. Создадовме повеќе од доволно шанси за да постигнеме повеќе од еден гол, но за жал повторно примивме гол од прекин и тоа продолжува да се повторува.
– Со исклучок на почетокот, не им дозволивме многу шанси од игра, но едноставно мора да работиме на бранењето на прекини. Истото ни се случи и против Кристал Палас, примаме доста голови после прекини и тешко е да остварите позитивен баланс кога се случува тоа, – изјави Слот.