[ВИДЕО] 24-годишната Ерин е алергична на вода – потењето и туширањето ѝ предизвикуваат болка и осип

Точка

16/10/2025

17:04

782

Големина на фонт

а а а

Тркачката Ерин Кесиди била принудена да се откаже од спортот поради исклучително ретка состојба – алергија на вода, што значи дека е алергична и на сопствената пот.

Првите симптоми се појавиле пред десет години, додека сè уште пливала, а со текот на времето осипот почнал да се јавува по секое туширање или вежбање.

Почеток на проблемот

„Дојде до точка кога веќе не можев да трчам, ниту да ги извршувам секојдневните активности. Се појавуваше осип, многу чешање и болка. Отидов на лекар, но ми рекоа дека тоа не е ништо – веројатно нешто во водата. Ми препорачаа да земам антихистаминик“, раскажува 24-годишната Ерин.

„Но, тоа не беше ништо во водата – тоа беше мојата пот, обична вода, капење, туширање, дури и миење лице“. Реакциите, вели, станувале сè почести последниве години, но многумина ја сметале за „смешна“, бидејќи не верувале дека некој навистина може да биде алергичен на вода.

Конечна дијагноза

Откако почнала да чувствува и силни желудочни тегоби, Ерин во септември 2024 година конечно добила дијагноза. Иако не е сигурна дали тие проблеми се поврзани со алергијата, тестовите ги потврдиле сомнежите на лекарите: таа навистина има аквагенска уртикарија – алергиска реакција на вода.

Оттогаш, морала целосно да го промени својот начин на живот – престанала да трча и да плива, а и секојдневните навики морала да ги приспособи на новите ограничувања.

Живот со алергија

„Бев млада и постојано активна, и ми беше тешко да прифатам дека потењето може да предизвика такви реакции. Прво добивав црвенило на стомакот и градите, потоа осипот се ширеше на рацете и грбот, а сега знае да се појави и на лицето. Изгледа како убоди од мушички – чеша и трае околу 25 минути, а сè што можеш да направиш е да се обидеш да не се чешаш“, опишува Ерин.


Таа вели дека врелите тушеви понекогаш ѝ помагаат реакцијата да трае пократко, но поради потењето не е сигурна дали некогаш повторно ќе може да трча. Дури и по обично миење лице, мора да почека кожата да ѝ се смири пред да излезе од дома. „Морав целосно да се откажам од пливање. Претходно пливав четири до пет пати неделно, но кога болката стана неподнослива – едноставно престанав“, додава таа.

Поради алергијата, избегнува и дожд бидејќи реакцијата ѝ се појавува веќе по неколку минути.

Што е аквагенска уртикарија?

Аквагенската уртикарија е исклучително ретка состојба при која, по контакт на кожата со вода, се јавува црвен осип со интензивно чешање. Најчесто ги погодува жените, а осипот обично се појавува на градите, стомакот, грбот и рацете. Симптомите траат од 30 минути до два часа, а потоа самостојно исчезнуваат. Интересно е што реакциите обично не се појавуваат при пиење вода, бидејќи не доаѓа во контакт со кожата.

Оваа состојба е тешко излечива, бидејќи водата не може целосно да се избегне. Најчесто се препишуваат антихистаминици и локални препарати, а во некои случаи се применува и фототерапија – медицински третман во кој кожата се изложува на контролирани дози светлина, најчесто ултравиолетова, за ублажување на симптомите на одредени кожни заболувања.