[ФОТО] „Луј Витон“ чанта од 3.000 долари предизвика бура во Африка, а бабите од македонските пазари веруваме слатко ќе ѝ се насмеат

Точка

16/10/2025

19:23

1.095

Големина на фонт

а а а

„Луј Витон“ често знае да изненади со нови парчиња. Понекогаш шокот е само во цената, а понекогаш и во самите модели на торби, кои често потсетуваат на кеси или торби за на пазар. Но, најновиот модел отиде чекор понатаму.

Новата торба на „Луј Витон“, со име „Ghana Must Go“ (Гана мора да оди), предизвика силни реакции и дебати низ цела Африка. Цената се движи од 595 до 3.000 долари, а многумина го критикуваат луксузниот бренд затоа што, според нив, тие треба да го признаат африканското потекло на овој препознатлив дизајн.

Но, која е вистинската приказна за оваа торба?


Оригиналната торба „Ghana Must Go“ со децении е дел од секојдневието на многу африкански домаќинства и симболизира отпорност и преживување. Нејзината историја датира од 1983 година, кога голем број луѓе од Гана биле протерани од Нигерија. Во тој период, карираните торби со практични рачки биле неопходни за пакување лични предмети при транспорт.

Дизајнот на торбата кој е едноставен, но мошне функционален со цврста структура, кариран дезен и голем капацитет ја направиле симбол на издржливост, но и културен артефакт со јасна приказна.

Токму поради таа историска и културна тежина, многумина сметаат дека луксузните брендови како „Луј Витон“ треба отворено да го признаат нејзиното африканско потекло.

Сепак, современиот моден свет често ги реинтерпретира културолошките симболи, па „Луј Витон“ верзијата на торбата стана предмет на интерес кај колекционери и хит на социјалните мрежи. Модни инфлуенсери истакнуваат дека луксузната торба е совршен пример за тоа како модата може да преземе симболика од секојдневниот живот, но и да поттикне дебата за почитувањето на културното наследство.

Така, торбата „Ghana Must Go“ денес не е само предмет на луксуз таа е симбол на историја, преживување и културна инспирација, која потсетува на приказните што го обликуваат општеството, но и на важноста од почитување на корените на дизајнот.