ОН: Израелската армија продолжува да убива цивили

Макфакс

15/10/2025

17:05

210

Големина на фонт

а а а

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека израелската армија продолжува да убива цивили во областите околу линиите каде што силите се прераспоредија во Газа.

Според ОН, најмалку 15 Палестинци се убиени во близина на израелските позиции во Појасот Газа.

Израелската армија сè уште контролира околу 53 проценти од територијата на Газа откако се повлече на првичните линии договорени според прекинот на огнот.

Вчера, израелската армија соопшти дека отворила оган врз неколку осомничени откако здравствените власти во Газа објавија дека најмалку шест Палестинци се убиени во два одделни инциденти.

Израелските одбранбени сили соопштија дека отвориле оган кога осомничените ја преминале линијата на повлекување и се приближиле до силите во северна Газа.

„Од суштинско значење е прекинот на огнот да се одржи и да доведе до враќање и целосно спроведување на палестинското право на самоопределување“, рече Аџит Сунгеј, раководител на канцеларијата за човекови права на ОН.

„Подеднакво е важно сите напори за реконструкција, вклучително и воспоставувањето јавен ред и цивилен живот, да бидат во согласност со меѓународното право и заштитата на човековите права на Палестинците“, додаде тој.

Министерството за здравство на Газа потврди дека ги примило телата на 45 Палестинци што Израел ги предаде на Црвениот крст вчера, со што вкупниот број на предадени тела се искачи на 90.