Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денес се обрати заедно со кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски. Николоски се осврна на проект, кој е дел од поширока програма за изградба и реконструкција на локални патишта, со поддршка од Светска банка, а ја нагласи и идејата за развој на индустриска зона околу обиколницата, со цел да се отворат нови работни места во близина на местото на живеење на жителите.
„Навистина е задоволство да се присуства на почеток на овој проект, особено што до води до една преубава црква стара повеќе од 100 години. Мислам дека со завршувањето на проектот, целиот овој дел од општината ќе добие свој нов лик којшто ќе е во корист на жителите кои што тука живеат, а секако отвори можности и други да доаѓаат и тука да живеат, затоа што се работи за едно навистина прекрасно место“, вели Николоски.
Николоски истакна дека улицата на која се работи во моментов е дел од договорот со Светска банка за финансирање и изградба на локални патишта. Како што вели тој, во општина Ѓорче Петров има многу проекти од двата повици на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за поддршка на локалните самоуправи. Тој додаде дека во подготовка е буџет за општини кои се, како што вели тој, шампиони во она што го работат.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме општина Ѓорче Петров, тука имавме доста проекти и во првиот повик и во вториот повик. Александар е одличен градоначалник, и еден од најдобрите градоначалници кои што ги има државата и треба такви градоначалници да се поддржуваат, дека веднаш после завршувањето на локалните избори, а тука работата ќе биде завршена уште во недела, во првиот круг. Очекуваме да достави нови проекти кои што ќе бидат надвор од овие буџети, односно спремаме еден специјален буџет за поддршка за неколку општини кои што се навистина шампиони во она што го работат, а Ѓорче Петров тука предничи, и Александар како градоначалник, така што дополнително на овие проекти ќе имаме и нови проекти кои што градоначалникот ќе ги достави“, кажа Николоски.
Николоски нагласи дека идејата е да се развие индустриска зона околу обиколницата, и на тој начин граѓаните би можеле да имаат работа блиску до нивното место на живеење.
„Продолжуваме во оваа насока да работиме секаде онаму каде што можеме. Знаете дека се работи тука во близина и обиколницата, вчера имаше увид од страна а градоначалникот и на директорот на ЈП Државни патишта, таа многу значи за комуникацијата на жителите од овој крај на општината и ќе продолжиме да ја развиваме, идејата е да се развие една индустриска зона околу обиколницата како луѓето би можеле и својата работа да ја најдат блиску до местото на живеење“, заклучи Николоски.