Хамас ги врати телата на уште четворица заложници, Израел се закани со одмазда

Макфакс

15/10/2025

08:55

381

Големина на фонт

а а а

Хамас ги врати телата на уште четири израелски заложници, потврди израелската војска (ИДФ). Телата се идентификуваат, а останките беа собрани во ковчези од страна на членови на Црвениот крст и предадени на израелската армија вчера вечерта.

Размената се случи откако Израел се закани дека ќе ја ограничи хуманитарната помош за Газа сè додека Хамас не ги врати телата на сите 28 заложници за кои се знае дека се убиени. Палестинската вооружена група во понеделник предаде 20 живи и четири мртви заложници.

Во исто време, Црвениот крст објави дека Израел ги вратил телата на 45 Палестинци кои биле држени во израелските затвори во Газа, објави Би-би-си.

Првите четворица убиени заложници, чии тела Хамас ги предаде во понеделник, беа идентификувани како 22-годишниот Даниел Перец, 53-годишниот Јоси Шараби, 26-годишниот Гај Илуз и 23-годишниот Непалец Бипин Џоши. Израелските одбранбени сили соопштија дека процесот на идентификација на новопредадените тела е сè уште во тек.

Според планот за прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп и прифатен од Израел и Хамас, размената на сите 48 заложници требаше да заврши до пладне во понеделник.

Иако сите живи заложници се вратени, притисокот врз Хамас и израелската влада се зголемува поради 20-те тела што сè уште не се вратени. Палестинците стравуваат дека одложувањето на предавањето може да го загрози кревкото примирје и продолжувањето на преговорите.

„Хамас мора да го исполни својот дел од договорот и да ги направи потребните напори за да ги врати телата на сите заложници на нивните семејства за достоинствен погреб“, соопшти Израелските одбранбени сили.

Израелскиот министер за одбрана предупреди дека „секое одложување или избегнување ќе се смета за грубо кршење на договорот“ и дека Израел „ќе одговори соодветно“.

Поради прекршувањата на прекинот на огнот, израелските власти одлучија да ја ограничат испораката на хуманитарна помош и да го одложат отворањето на граничниот премин Рафа со Египет. Хамас тврди дека има тешкотии во лоцирањето на телата на убиените заложници.

Според израелските медиуми, во текстот на договорот се наведува дека и Хамас и другите палестински фракции однапред предупредиле дека можеби нема да можат да ги пронајдат сите тела во предвидениот рок.

Израелски функционер објави дека меѓународна работна група наскоро ќе започне со потрага по останките на заложниците кои не се вратени. „Голем товар е отстранет, но работата не е завршена. Телата не се вратени како што беше ветено! Втората фаза започнува веднаш!“, објави Трамп на Икс.