Трамп го одликува Чарли Кирк

Макфакс

15/10/2025

08:28

642

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера му го додели на убиениот конзервативен активист Чарли Кирк Претседателскиот медал за слобода, највисокото цивилно одликување во Соединетите Американски Држави.

„Денес сме тука да му оддадеме почит и да се сетиме на неуморниот борец за слобода, на сакан лидер кој ги инспирираше идните генерации како никој друг“, рече Трамп на церемонијата во Белата куќа одржана на денот на роденденот на Кирк.

Кирк, основач на Turning Point USA, беше застрелан и убиен на 10 септември за време на дебата на Универзитетот во Јута Вали. Неговото убиство ја шокираше нацијата и повторно ги разгоре дебатите за политичкото насилство.


Републиканскиот претседател оттогаш се зафати со она што го нарече „радикален левичарски екстремизам“, испраќајќи владини агенции, вклучувајќи ги ФБИ, Министерството за внатрешни работи и Службата за внатрешни приходи, да истражат групи обвинети за финансирање и поттикнување политичко насилство.

На вчерашната церемонија во Белата куќа присуствуваа потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и сенаторите Тед Круз, Мајк Ли и Рик Скот, како и мноштво медиумски личности и други сојузници на Трамп.

Кирк, познат по своите дебати на кампусите за прашања како што се абортусот, имиграцијата и расната еднаквост, одигра голема улога во мобилизирањето на младите гласачи за Трамп во 2024 година.

Американскиот претседател го нарекува „маченик за американската слобода“, а двата дома на американскиот Конгрес во септември донесоа резолуции со кои го прогласија 14 октомври за „Национален ден на сеќавање на Чарли Кирк“.