Домашните миленици во Нов Зеланд сега имаат можност да се релаксираат на нов начин – со безалкохолно вино.
Асортиманот на пијалаци што ги продава компанијата „Muttley’s Estate“, со седиште во Окленд, носат интересни називи како што се „Pawt“ (од зборот paw – шепа), „Champawgne“, „Purrno Noir“ и „Sauvignon Bark“ (од bark – лае).
Компанијата ги рекламира своите пијалаци од мачкина трева како луксуз што го подобрува расположението на домашните миленици. Пијалаците за кучиња и мачки не содржат ниту грозје ниту алкохол и нудат, како што велат, „совршен начин да се опуштите додека славите со вашиот крзнен член на семејството“.
Сопственикот на компанијата, Џон Робертс, изјави дека почнал да прави вино за домашни миленици откако бил инспириран од слични производи во странство, како што е пивото за кучиња. „Добро е во стресни ситуации“, објасни тој.
Робертс додаде дека семејна ветеринарно-фармацевтската компанија му ја обезбедила експертизата што му овозможила да почне да произведува корисни производи за домашни миленици. Тој изјави за АФП дека пораснал со кучиња и мачки и се сеќава колку се плашеле за време на огномет.
„Едноставно немаше никаква хранлива, холистичка опција за домашните миленици во тие ситуации“, истакна Робертс. „Мислевме дека можеме да направиме повеќе отколку само да им понудиме обични посластици“, додаде тој.
Виното брзо стекнало база на клиенти во Нов Зеланд и Австралија, а компанијата се надева дека ќе се прошири на пазарите во Азија и Северна Америка.
„Не сум сигурен дека интересот би бил ист ако ги пласираме овие пијалаци како посластици за домашни миленици“, рече Робертс, додавајќи дека производот веќе има потенцијални продавачи во Тајланд и Јапонија, додека бара добавувачи во Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство.
Тој, исто така, се надева дека во иднина ќе може да го понуди производот на саеми за домашни миленици, па дури и на вински конференции.
Сепак, компанијата се соочила со проблем кога се обидела да го извезе таканареченото вино, бидејќи надлежните службеници претпоставиле дека содржи алкохол.
„Некои царински службеници првично се обидуваат да нѝ наплатат данок на увоз или извоз на вино сè додека не сфатат дека пијалакот е безалкохолен. Засега немаме проблеми“, објаснил Робертс.