Минчев по повод 11 Октомври: Обврзани сме да ја чуваме слободата и да градиме праведни институции

Макфакс

11/10/2025

13:56

199

Големина на фонт

а а а

По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата, Иван Стоилковиќ, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска положи свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово, во чест на хероите кои ги положија своите животи за слободата и достоинството на македонскиот народ.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев нагласи дека 11 Октомври претставува симбол на одлучноста и борбата за правда, слобода и човечко достоинство. Тој потенцираше дека вредностите кои го воделе народното востание,единството, храброста и визијата за слободна татковина, се темелите врз кои се гради современото македонско општество.

„Овој ден не е само спомен на минатото, туку повик за иднината. Тоа е ден кога се потсетуваме на нашата должност како институции и поединци да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата и да создаваме јавна администрација што служи чесно и ефикасно на сите граѓани,“ изјави министерот Минчев.

Тој додаде дека Министерството за јавна администрација е силно посветено на создавање инклузивни, транспарентни и одговорни институции, кои ќе го одразуваат духот на востанието, служење на народот со интегритет и визија.

На свечениот настан присуствуваа и претставници на Владата, локалната самоуправа, здруженија на бранители, дипломатскиот кор, како и голем број граѓани кои со своето присуство оддадоа почит на историското значење на овој ден.