Српскиот фудбалер Немања Матиќ зборуваше за италијанските медиуми за сонародникот, напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ.
Искусниот играч од средниот ред се врати во Италија ова лето и го засили тимот на Сасуоло. Претходно во Серија А го носеше дресот на Рома.
Бидејќи напаѓачот на Јувентус е една од главните теми на тамошните новинари, прашањето за Влаховиќ беше логично.
Во изјава за италијанскиот „Скај Спорт“, тој истакна дека напаѓачот на „старата дама“ се издвојува како најдобар српски фудбалер во моментов.
„Никогаш не играв со него бидејќи ја напуштив репрезентацијата пред седум, осум години, но сите велат дека тој е најдобриот српски фудбалер во моментов. Фудбалот во Србија е различен сега во споредба со периодот од пред 10, 15 години, кога генерално бевме на повисоко ниво“, рече Матиќ.
Немања Матиќ се осврна на денешната младина. Имаше што да им порача.
„Новите генерации играат премногу „PlayStation“, има толку многу работи надвор од фудбалот, како што се социјалните мрежи, активностите со навивачите, премногу работи што го одвлекуваат вниманието. Потешко е да им се помогне на младите луѓе, сите тие сакаат да ги имитираат Роналдо и Меси“, заклучи Матиќ.
Влаховиќ сè уште не знае каде ќе ја продолжи кариерата по оваа сезона, бидејќи неговиот договор истекува на крајот од сезоната.
Оваа сезона, во осум натпревари, но само 255 минути, тој постигна четири гола и додаде една асистенција.