Во Карпош, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ги претстави клучните приоритети на својата програма – функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.
„Ова не е само лична кампања, ова е заедничка мисија да изградиме модерно, чисто и функционално Скопје, град што ќе биде наш дом, а не извор на секојдневни нервози,“ изјави Шукова, нагласувајќи дека решенијата што ги нуди се реални и проверени.
Таа се осврна на како што рече, неуспесите на актуелната градска власт, истакнувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги: „Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла.“
Шукова најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура: „Ќе го изградиме Скопје по европски терк – град што обезбедува ред, услуга и сигурност.“
Во Карпош, најави неколку клучни инфраструктурни проекти: изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации“, со шест коловозни ленти и велосипедски и пешачки патеки; поврзување на булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ со современо сообраќајно решение; продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот; и конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.
„Ќе воведеме ‘Зона 30’ во густо населени делови, ќе поставиме ЛЕД осветлување, нови велосипедски патеки и ќе ги претвориме запуштените површини во живи скверови и паркови,“ додаде Шукова.
Таа истакна и дека дигиталните решенија ќе бидат темел на модерното управување со градот: „Смарт Скопје ќе значи знаење кога контејнерите се полни, паметно управување со отпадот, повеќе осветлување и дигитални системи што носат ефикасност и транспарентност.“
„Ние не ветуваме чуда – ветуваме работа, чесност и резултати што се гледаат,“ порача Шукова, додавајќи дека со Маја Мојсова во Карпош и тимот на СДСМ, ќе се врати довербата во политиката и гордоста во Скопје.
„Во Карпош се родив, тука сум целиот живот, и ќе се борам за Карпош и за Скопје што обединува,“ реќе Каја Шукова.