Васил Јованов бара Апелација да му ја намали казната, имал грижа на совест - Дукоски: Пресудата од 12 години е донесена под огромен притисок од јавноста

Точка

06/10/2025

18:03

1.150

Големина на фонт

а а а

Возачот Васил Јованов кој во мај ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин и е осуден на 12 – годишна затворска казна на јавна седница пред Апелациониот суд бара да му биде намалена казната, додека вишата обвинителка Фатиме Фетаи бара пресудата да биде преиначена и Јованов да добие повисока затворска казна.

Во судница беше присутен и Васил Јованов, спроведен од Затвор Скопје, кој уште еднаш изрази каење за делото.

„Уште еднаш сакам да изразам најдлабоко каење и искрено сочувство на семејството на загинатата. Голема грижа на совест имам за тоа што се случи и болката што ја предизвикав“, изјави Јованов.


Судијката известител за предметот, Александра Ристеска информираше дека до Судот по предметот е стигната жалба од ОЈО Скопје за висината на казната, со барање за повисока казна затвор, како и дека жалба на пресудата има и Васил Јованов, преку неговиот бранител, со барање за преиначување на казната со поблага или да ја укине и врати на повторно постапување.

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, рече дека бара жалбата на одбраната да ја одбие како неоснована и жалбата на ОЈО да се уважи, а казната да се преиначи и Васил Јованов дa биде осуден на повисока казна.

„Со вакви возачи, што не почитуваат ниту едно сообраќајно правило никој не се чувствува безбедно. Дополнително, со тоа што против обвинетиот има и други предмети за прекршоци во сообраќајот, што покажува дека обвинетиот не се одвратил од повторување на делото и тоа не влијаело на ревидирање на неговото однесување, туку напротив продолжил со несмален интензитет. Неспорно казната требало и треба да гравитира во горната граница“, рече Фетаи.

Од друга страна бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, на денешната јавна седница пред Апелациониот суд Скопје побара намалување на казната за Васил Јованов или враќање на предметот на повторно постапување поради суштествени повреди во постапката.

„Во овој случај сметам дека се сака да се оди на лов на вештерки и ако 12 години казна е изречена некогаш во историјата на правото на Македонија. Пресудата од 12 години тврдам е донесена под огромен притисок од јавноста, тука важеше начелото „око за око, заб за заб“, изјави тој.

Според Дуковски, судот испитува дали признанието на вина е доброволно дадено и дали каењето е вистинско, посочувајќи дека тоа е направено повеќе пати и дека тоа го потврди и вештачењето.


„Не може четири пати да се каете. На судењето пред првостепениот суд ние изведовме како доказ видео веднаш после настанот каде што се гледа искрено, категорично и недвосмислено каење со зборовите „леле што сторив, греота за девојчето“. Тоа не е искрено? На самото рочиште го кажа тоа, кај судијата на претходна постапка, во вештачењето. Не можете вие да го измамите вештото лице, кое што е вештак Маркециќ, ангажиран од страна на Обвинителството долги години, кој што тврди дека каењето е сериозно, лично и недвосмислено, додаде тој.

Според бранителот на Јованов многу потешка сообраќајка со два повеќе престапи, како бегање од лице место и со повреда на уште едно лице, а се друго исто, завршиле со осум години затворска казна.

„Тоа е целта на признанието на вина. Да се избегнат скапи и долги судења, да му се каже на обвинетиот дека не се исплати да се занимава со криминал, но и тој да добие некој бенефит. Каков бенефит вие имате со 12 години. Пресудата од 12 години тврдам е донесена под огромен притисок од јавноста, тука важеше начелото „око за око, заб за заб“ и јавноста му пресуди на Васил Јованов. Јас не барам да му се даде орден за тоа што го направил, но да се даде разумна казна во рамките на судската пракса досега за вакви кривични дела. Инаку, сообраќајки имало и ќе има“, изјави Дуковски.

Инаку пред Апелациониот суд Скопје денеска се одржа јавната седница по жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава со која Васил Јованов беше прогласен осуден на казна затвор од 12 години, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Второстепениот суд, по јавната седница треба да донесе правосилна пресуда за овој случај кој ја крена јавноста на нозе.