Сашко Велјановски, кандидат за градоначалник за општина „Долнени“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и потенцираше дека општина Долнени изминативе години со претходната власт како резултат на нивната неспособност, претрпела економска, духовна и морална криза.
„Сосема е јасно дека нашата општина во изминатиов мандат претрпи економска, духовна и морална криза. Тие кризи се настанати, заради нашиот колективен неуспех да се ослободиме од хипокризијата и неспособноста на претходното општинско водство. Заради тоа развојот на општина Долнени е во статус кво и е на ниво на непостоење. Затоа, на овие избори, треба да се фокусираме на оние кои што се добри, кои што сакаат, можат и имаат истрајност и знаење за да придонесат за еволутивен раст на општина Долнени“, истакна Велјановски.
Велјановски потенцираше дека со обединетост, и издржливост општина Долнени ќе победи, и повторно ќе застане на свои нозе.
„Со обединетост, издржливост и колективен дух за развој, можеме да ги пребродиме ветриштата на уништувањето што ги носат арамиските тајфи што ги предводи ДУИ, и како граѓани на општина Долнени, да излеземе попаметни и посилни од стегите на овие пророци на апокалипсата за нас и нашата општина. Почитувани сограѓани, успехот не е прашање на среќа или случајност. Тоа е резултат на заеднички напорна работа, дисциплина и одлучност да се пробијат тешкотиите и препреките во нашите животи инсталирани од измамниците. Да не дозволиме моментите на тешкотии да не скршат. Да не дозволиме стравот од неуспех да не спречи. Мораме да станеме и да продолжиме, бидејќи само така ќе го постигнеме она што го сакаме во животот“, рече Велјановски.