Не можам да замислам како би можеле да постигнеме договор: за Бабиш, предлогот за буџетот на ЕУ е неприфатлив

Макфакс

23/11/2026

22:22

113

Големина на фонт

а а а

Чешкиот премиер Андреј Бабиш го нарече најновиот предлог за буџетот на Европската Унија неприфатлив, истакнувајќи дека позициите на земјите се толку оддалечени што е тешко да се постигне договор. Во фокусот на дискусијата е финансирањето на Украина и недоволните средства за поновите членки за инфраструктурни проекти.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш денес оцени дека најновиот предлог за буџетот на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година е „целосно неприфатлив“, придружувајќи се на противењето на Унгарија на предложениот финансиски план.

Во пресрет на состанокот на Вишеградската група, Бабиш рече дека предлогот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, не предвидува доволно средства за земјите-членки во споредба со парите наменети за заеднички програми на ЕУ, пишуваат медиумите.

Тој исто така смета дека финансирањето на Украина треба да се издвои од буџетот на ЕУ, а претходно го одби учеството на Чешка во заем за таа земја.

„Буџетот е целосно неприфатлив. Позициите се толку оддалечени што не можам ни да замислам како би можеле да постигнеме договор“, рече Бабиш на прес-конференцијата.

Тој додаде дека западноевропските земји, кои се нето придонесувачи во буџетот на ЕУ, во минатото граделе инфраструктура со европски пари, додека сега не сакаат да им остават доволно средства на поновите членки за изградба на автопати и брзи железници.

Противење на предлогот, според написите, изрази и унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој смета дека прашањето за финансирање на Украина треба да се реши одделно, додека словачкиот премиер Роберт Фицо го обвини германскиот канцелар Фридрих Мерц за уцена за поврзување на буџетот на ЕУ со помошта за Украина.

Новиот предлог за буџетот, кој Кошта го презентираше во саботата, предвидува намалување на вкупниот износ за 40 милијарди евра, на 1.582 милијарди евра, во споредба со предлогот презентиран во октомври од страна на ирското претседателство со Советот на ЕУ.

Германија смета дека предложениот износ е сè уште превисок, додека Франција оценува дека предлогот не обезбедува доволна заштита за земјоделците. Главниот преговарач на Европскиот парламент за буџетот, Зигфрид Мурешан, оцени дека предложените износи претставуваат чекор назад.

Лидерите на ЕУ ќе го разгледаат предлогот на вонреден самит на 26 и 27 ноември, во обид да ги зближат земјите-членки и да постигнат договор во декември.