Последниве денови музејот Лувр во фокусот на светската јавност, а на светските медиуми и социјалните мрежи кружат фотографии од неговиот симбол – познатата пирамида („Pyramide du Louvre“).
Сепак, ова препознатливо архитектонско обележје некогаш било прилично контроверзно.
Овој впечатлив симбол на современиот Париз го дизајнирал прочуениот кинеско-американски архитект Јео Минг Пеј, а свеченото отворање се одржало на 30 март 1989 година.
Изградбата на пирамидата била дел од амбициозниот проект за модернизација на музејот, познат под името „Grand Louvre“, што го иницирал тогашниот француски претседател Франсоа Митеран на почетокот на 80-тите години. Целта на проектот била да се реорганизира огромниот музеј, да се подобри пристапот за посетителите и да се создаде нов централен влез што ќе може да прими милиони туристи секоја година.
Пеј предложил решение што во тоа време предизвикало бурни реакции во јавноста – стаклена пирамида во срцето на историскиот двор „Cour Napoleon“. Многумина сметале дека модерната, футуристичка конструкција го нарушува класичниот изглед на музејот, чии делови потекнуваат уште од 12 век. Сепак, со текот на времето, проектот ги освоил и најстрогите критичари.
Пирамидата на Лувр е висока 21,6 метри и е составена од 673 стаклени панели (често погрешно се наведувало дека се 666). Конструкцијата е направена од стакло и алуминиум, со што се постигнува проѕирност и елеганција.

Пирамидата не служи само како украс – таа е главниот влез во музејот Лувр под кој се наоѓа пространо подземно предворје што ги поврзува сите делови на музејот. Благодарение на ова решение, посетителите можат полесно да се ориентираат и да влезат во музејот.
Кога проектот првпат бил претставен во 1984 година, француската јавност била поделена. Традиционалистите сметале дека модерната стаклена пирамида не му припаѓа на дворот на најстариот и најпознат музеј во светот. Сепак, Пеј секогаш истакнувал дека „новата форма не ја уништува старата – туку ја нагласува“.

Денес пирамидата стана еден од симболите на Париз, рамо до рамо со Ајфеловата кула и катедралата Нотр Дам. Секоја година пред неа се фотографираат милиони туристи.
Визијата на архитектот Пеј го претвори дворот на Лувр во еден од најфотографираните простори на светот.














