Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ги презентираше спортските проекти предвидени во неговата изборна програма, нагласувајќи дека приоритет ќе биде целосната ревитализација на спортската инфраструктура и создавање достапни спортски зони за сите граѓани.
Османи најави дека најпрво ќе се започне со реконструкција на постојните спортски сали и терени, со цел тие повторно да станат достапни за спортистите и граѓаните на Чаир.
„Спортската сала ‘Енвер Идризи’ во Серова, со сите неопходни подобрувања што ќе овозможат понуда и спортски услуги согласно стандардите. Спортската сала ‘Васил Главинов’, итна интервенција, иако знаете дека ‘Васил Главинов’ е дел од големиот проект на Мишел Ројкинд, кој опфаќа ново училиште, нова градинка, подземен паркинг и детско игралиште“, изјави Османи.
Тој додаде дека следуваат и реконструкции на неколку сали во различни населби на општината.
„Спортската сала ‘Имри Елези’ во населбата Дижонска, целосна реконструкција на сите услуги. Следуваат и ‘Лирија’, во Гази Баба, ‘Шабан Трстена’ и ‘Партизан’“, рече Османи.
Во рамките на спортската програма, предвидена е изградба на нови отворени спортски терени со осветлување во неколку зони на општината, кои досега биле запуштени и небезбедни за децата и жителите.
Османи најави изградба на нова спортска сала кај Основното училиште „Јашар Бег“ во Дуќанџик.
Тој најави дека реализацијата на овие проекти ќе биде финансирана преку министерствата, Владата и европски фондови, за што веќе е формиран посебен тим задолжен за подготовка и аплицирање на проектите.