Видео-снимка направена во близина на тест-полигонот на „Lockheed Martin“ во Хелендејл, во пустината Мохаве (САД), откри мистериозна структура со непозната намена и предизвика бурни расправи меѓу љубителите на авијацијата.
Неодамна објавеното видео на „YouTube“ каналот "Uncanny Expeditions" повторно ја разгоре дебатата за тајните тестирања во американската воздухопловна индустрија. Снимката, направена во близина на „Lockheed Martin“ полигонот за радарски испитувања Хелендејл во Калифорнија, прикажува необичен темен објект поставен на висок столб. Формата на објектот не наликува на ниту еден познат авион.
Објектот има дијамантска или ромбоидна форма со мазни и остри линии, а техничарите го ротираат и навалуваат за време на тестирањето. Во некои кадри на неговата горна страна се забележува синкава површина. Набљудувачите го споредуваат со конфигурација на летачко крило, иако неговите пропорции значително се разликуваат од познатите модели на авиони. Видео-записот прикажува повеќе агли под различна светлина, што упатува на контролирано тестирање на радарските карактеристики, пишува порталот "The Aviationist".
Во 2021 година на истиот полигон бил забележан уште еден неидентификуван објект, но најновиот има различна форма и димензии. Аналитичарите шпекулираат дека можеби се работи за тестен радарски сегмент – дел од труп или модуларна компонента за мерење на радарската рефлексија. Од одреден агол, објектот потсетува на дел од трупот на авион "F-35", поставен наопаку, додека други гледаат сличности со експерименталниот авион "Boeing Bird of Prey" од 1996 година, често поврзуван со развојот на новиот американски борбен авион од 6. генерација "F-47".
Лоциран северозападно од Викторвил, Хелендејл е објект под капата на одделот "Skunk Works" на „Lockheed Martin“, познат по развојот на технологијата за „невидливи“ летала. Комплексот се состои од радарски низи и прилагодливи столбови на кои инженерите тестираат како различни облици ги расфрлаат или апсорбираат радарските бранови. Моделите често се поставуваат наопаку за да се намали рефлексијата од земјата и носачите и да се добијат почисти податоци.
Според експертите, објектот најверојатно не е класифициран, пишува "The Aviationist". Прототипи на невидливи летала обично се тестираат навечер или под покривка. Фактот што објектот бил видлив преку ден, а дрон "Reaper" кружел над него без никаква реакција, укажува дека станува збор за некалибриран, нелетачки тест-модел наменет за проверка на радарските податоци.
Објавата на видеото повторно ја отвори дебатата околу американската оперативна безбедност (OPSEC) и правото на јавноста да ги набљудува воените полигони. Снимањето од јавно земјиште, како во овој случај, е сосема законито – што го потврдува и самиот автор на видеото. Иако вистинската намена на објектот останува непозната, едно е сигурно: пустинскиот полигон на „Lockheed“ и понатаму крие доволно тајни за да ја поттикнува љубопитноста на љубителите на воздухопловството.