Кога жените плачат, тие не само што ги изразуваат своите емоции, туку испраќаат и хемиски сигнали кои влијаат на однесувањето на мажите, тврди израелскиот научник д-р Ноам Собел од институтот Вајцман за наука.
Собел објавил студија во списанието „Саенс“, во која тврди дека женските солзи содржат хемиски сигнали што го намалуваат нивото на тестостерон и сексуалната желба кај мажите, пишува „Е-клиника“.
Како настануваат солзите?
Солзите се производ на солзните и лојните жлезди и содржат мноштво молекули, вклучувајќи протеини, ензими и метаболички отпад. Меѓутоа, хемискиот состав на емоционалните солзи се разликува од солзите кои настануваат, на пример, кога сечеме кромид или кога ни влезе прашинка во окото. Познато е дека во солзите на некои животни има состојки што влијаат на однесувањето на други животни.
Како женските солзи влијаат на нивото на тестостерон кај мажите?
За да утврди дали женските солзи ја намалуваат агресивноста кај мажите, Собел со своите соработници ангажирал група жени кои лесно и брзо плачат при гледање емотивни сцени. Жените за време на експериментот гледале емотивен филм, а додека плачеле, научниците собирале примероци од нивните солзи. Тие солзи ги мирисале 24 мажи на кои им биле покажувани фотографии од атрактивни жени. Научниците потоа ги следеле машките реакции, мерејќи го нивото на тестостерон, промените на кожата, а со помош на функционална магнетна резонанца ја следеле активноста во нивниот мозок. Се покажало дека по мирисањето на женските солзи, кај мажите паѓа нивото на тестостерон, а fMRI покажала намалена активност во деловите на мозокот поврзани со сексуална активност.
„Хемиските сигнали се еден вид јазик. Хемискиот сигнал во емоционалните женски солзи служи за намалување на машката агресивност, што потоа се манифестира и како намалување на сексуалната желба“, објаснува д-р Собел, кој исто така спроведува истражување и за машките емоционални солзи.
Дали е пронајдено решението за загатката „не, драги, вечерва не“?
Сепак, зошто жените испраќаат порака „не, драги, вечерва не“, и понатаму останува загатка. Некои истражувачи сметаат дека солзите се развивале низ еволуцијата за жените во моменти на слабост и емоционален стрес да ја намалат машката агресивност кон нив. Интересни се и истражувањата за поврзаноста меѓу солзите и менструалниот циклус. Постојат докази дека жените почесто плачат за време на менструацијата. Биолошки гледано, тоа не е идеално време за сексуален однос. Затоа можеби жената преку солзите ја намалува сексуалната желба кај мажот во тој период – објаснува д-р Собел. Ова истражување поттикнало дискусии за тоа зошто луѓето ги изразуваат емоциите преку солзи.
„Истражувањето на Собел е многу значајно, бидејќи покажува дека емоционалните солзи претставуваат многу важен еволутивен развој кај луѓето како социјални суштества и служат како доказ за постоење на човечки феромони“, истакнува Роберт Р. Провин, невролог од Универзитетот во Мериленд.
Феромони: Носители на пораки
Постоењето на човечки феромони долго време е тема на научни расправи. Терминот феромон, изведен од грчките зборови pherein (носи) и hormon (возбудува), бил предложен од научниците Петер Карлсон и Мартин Лушер во 1959 година, кои заклучиле дека феромоните служат за комуникација внатре во иста животинска врста. Тие пренесуваат хемиски пораки, предупредуваат за опасност, го обележуваат патот до храна и – што е особено важно – испраќаат сигнал за сексуална заинтересираност.
Иако феромоните кај животните играат клучна улога, кај луѓето нивната функција сè уште не е доволно истражена. Некои научници тврдат дека човечки феромони не постојат, додека други веруваат дека постојат, но не се целосно разбрани.
Едно од првите истражувања на оваа тема го спровела проф. Марта Меклинток пред 40 години, откривајќи дека кај жените кои живеат или работат заедно се усогласуваат менструалните циклуси – што било првиот доказ за можниот ефект на феромони кај луѓето.
Откритието дека женските солзи ја намалуваат машката агресивност и сексуалната желба може да претставува пресвртница, бидејќи можеби токму во солзите се крие првиот човечки феромон. Останува да видиме.