Турција ги поздравува напорите на Соединетите Американски Држави за постигнување мир во регионот, но Израел мора да ги запре нападите за овие напори да бидат успешни, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти неговиот кабинет.
Во соопштението се наведува дека Трамп и Ердоган разговарале за билатералните односи, за време на повикот што го побарала американската страна, и се додава дека турскиот претседател ја нагласил важноста од преземање чекори за зајакнување на соработката меѓу двете земји, особено во одбранбената индустрија, пренесува Ројтерс. Ердоган, исто така, рекол дека нивната средба во Белата куќа минатиот месец ги зајакнала врските меѓу двете земји.
Во соопштението се наведува дека за време на разговорот за ситуацијата во Газа, Ердоган му рекол на Трамп дека Турција работи напорно за постигнување регионален мир и дека ги поздравува иницијативите насочени кон таа цел.
„Ердоган нагласи дека Турција ги зголемила своите дипломатски контакти заради мирот, дека ќе продолжи да ја поддржува визијата за глобален мир и дека запирањето на нападите од страна на Израел е важно за успехот на иницијативите насочени кон постигнување мир во регионот“, се вели во соопштението.
Турција, која ги нарече нападите на Израел врз Газа геноцид и ги суспендираше сите трговски односи со Израел, изрази поддршка за најновиот план на Трамп за ставање крај на војната во Газа.