Почина легендарната кантри-пејачка Доли Партон

Точка

25/08/2026

20:40

590

Големина на фонт

а а а

Легендарната американска пејачка, текстописец и икона на кантри музиката, Доли Партон, почина на 80-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство. Веста денеска ја објави нејзиниот внук Брајан Сивер во видео порака на Инстаграм.

„Моето име е Брајан Сивер, син на Кеси Партон, и денес ги претставувам семејствата Партон и Овенс додека ја објавувам веста за смртта на мојата тетка, Доли Ребека Партон Дин, сестра, тетка и баба на една генерација, а Џиџи на следната“, рекол Сивер.

Тој навел дека Доли Партон уште пред неколку години побарала токму тој да ја објави веста за нејзината смрт.


„Чест е, чест помешана со апсолутна гордост и голема тага. Но, тагата е наша, не нејзина. Доли живееше во светлина и сега е во прегратките на Исус, каде што, сигурен сум, ја пречекаа Карл, нејзините родители и безброј други кои ја гледаа и копнееја да ја сретнат на небото“, рекол нејзиниот внук.

Само неколку дена претходно зборувала за своето здравје

Веста за нејзината смрт доаѓа само неколку дена откако Партон зборувала за својата здравствена состојба. Во разговор за магазинот „People“ на 21 август, таа рекла дека се соочува со здравствени проблеми на кои не им посветила доволно внимание додека се грижела за својот сопруг Карл Дин, кој почина во март 2025 година.


„Како што споделував во видео-пораките во текот на изминатата година, се соочувам со некои здравствени проблеми на кои едноставно не им посветував внимание додека се грижев за Карл“, рекла тогаш Партон.

Таа додала дека и порано минувала низ тешки периоди кога станува збор за здравјето, но истакнала дека, и покрај проблемите, продолжила да работи и дека има уште многу планови.


„Иако сè уште закрепнувам, продолжувам да работам“, рекла Партон.

Кариера подолга од шест децении

Доли Партон беше една од најуспешните кантри-изведувачки на сите времиња и најпродаваната женска кантри-уметница. Во текот на кариерата продала повеќе од 160 милиони албуми ширум светот.

Нејзиниот дебитантски албум, „Hello, I'm Dolly“, е објавен во 1967 година, по што следуваа бројни големи хитови, меѓу кои „I Will Always Love You“, „9 to 5“ и „Jolene“.

Родена е во 1946 година во местото Питман Центар, во американската сојузна држава Тенеси, во сиромашно семејство со 12 деца. Првата гитара почнала да ја свири на шестгодишна возраст во црквата на нејзиниот дедо, а на седум години веќе почнала да пишува песни.

Во текот на повеќе од шест децении кариера, таа остави трага не само во музиката, туку и во филмот, телевизијата и на Бродвеј, како и преку бројни хуманитарни проекти. Добитничка е на 11 Греми награди и членка на Рокенрол куќата на славните.

Нејзината смрт претставува крај на една од најдолгите и најпрепознатливите кариери во историјата на кантри музиката.